Свет

Предвремени парламентарни избори во Јапонија, се очекува победа на партијата на актуелната премиерка Такаичи

Партијата, која владее речиси континуирано од 1955 година, го изгуби мнозинството во двата дома на парламентот на претходните избори во 2024 и 2025 година.

Предвремени парламентарни избори во Јапонија, се очекува победа на партијата на актуелната премиерка Такаичи

Јапонците денеска на предвремени избори го избираат новиот состав на Долниот дом на парламентот, а анкетите укажуваат на јасна победа за Либерално-демократската партија (ЛДП) на десничарската премиерка Санае Такаичи, која ја презеде функцијата пред малку повеќе од три месеци.

Ова значи дека ЛДП повторно би можела да има апсолутно мнозинство во моќниот дом на националниот парламент со 465 членови.

Партијата, која владее речиси континуирано од 1955 година, го изгуби мнозинството во двата дома на парламентот на претходните избори во 2024 и 2025 година.

Според анкетите, таа би можела дури и да постигне двотретинско мнозинство со својот нов партнер, неолибералната Ишина (Јапонска партија за иновации).

Избирачките места се затвораат во 20 часот (12 часот по средноевропско време), а првите извештаи од јапонските медиуми врз основа на анкетите се очекуваат наскоро потоа.

Јаката зима е главниот фактор за неизвесност на изборите бидејќи обилните снежни врнежи би можеле да го нарушат гласањето.

Такаичи (64) на крајот на октомври беше избрана за прва жена премиерка на Јапонија. Таа во анкетите ужива многу висока поддршка од Јапонците и ја изненади опозицијата со брзото распишување предвремени избори за да обезбеди мнозинство.

Главната опозициска партија, Уставната демократска партија на Јапонија, и долгогодишниот партнер на ЛДП, Комеито, брзо ги здружија силите за да формираат нов Центристички реформски сојуз.

To top