Откупните пунктови за тутун во Општина Карбинци денеска беа полупразни. Според Ѓорѓи Карaкашев ова се должи на откупната цена, ако лани се откупуваше скапан тутун по цена од 300 денари, годинава високо квалитетен тутун се откупува по цена од 300 или 330 денари.
-Оваа година имаме една поразителна година, каде имаме многу драстично намалени количини на тутун, цената е драстично непроменета од 330 денари засега. Очекуваме да надвладее разумот од страна на откупните фирми и економската логика да се направи некоја корекција. За сега се предадени некаде околу шест милиони килограми, нашите предвидувања се дека има уште четири милиони килограми не предадени, изјави денеска Каракашев.
Тој додава ако не се преземат мерки тогаш производството на тутун во државата драстично ќе биде намалено.
-Оваа година имаме тивок бојкот од тутунарите, тие не сакаат да го продаваат тутунот затоа што лани скапан тутун се откупуваше за 300 денари, а оваа година екстра квалитетен тутун за 330 денари. Оваа цена не ги покрива ниту основните трошоци,рече Каракашев.
Според надлежните на откупните пунктови во едниот откупен пункт во Општина Карбинци од предвидени 180 тони до сега се откупени половина, додека во вториот откупени се 80% од предвидвидената количина.