Грчката управа за спречување перење пари ги замрзнала банкарските сметки на претседателот на Синдикатот на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), Јанис Панагопулос, и на уште шест лица и шест фирми поради наводна вмешаност во случај на проневера на средства од Грција и ЕУ наменети за образовни програми, во висина од 73 милиони евра, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека шефот на Управата својот извештај со индиции за две кривични дела проневера и перење пари го доставил до јавен обвинител, а се однесува на средства од европски и национални фондови добиени во периодот 2020 – 2025 година и начинот на кој биле распределени.
Истрагата на Управата открила дека некои од компаниите, дури и не биле активни, им недостигале потребната логистика и персонал за спроведување на проектите, а дел од средствата бил земен директно во форма на готовина.
Дополнително, според АНА-МПА, пронајдени биле обемни трансфери на средства на индивидуални сметки, без да бидат законски оправдани.
„Катимерини“ пишува дека откога извештајот на Управата бил доставен до надлежниот обвинител, отворена е прелиминарна истрага и доколку заклучи дека прекршоците се основани, ќе следува кривично гонење, додека во спротивно случајот ќе биде затворен.