Шестиот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција ќе се одржи во Анкара на 11 февруари. Деталната програма и агенда ќе бидат објавени од Министерството за надворешни работи, соопшти портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
-Грција пристапува кон дијалогот со верба и самодоверба, секогаш земајќи го предвид меѓународното право и без апсолутно никаква намера за отстапка. Уште еднаш нагласуваме дека со Турција имаме една и единствена разлика: утврдување на Ексклузивна економска зона и континентален гребен и дека никогаш нема да ги ставиме на маса прашањата за суверенитет и црвените линии, рече Маринакис.
Делегациите на двете земји на Високиот совет се предводени од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кои се очекува да остварат и билатерална средба.
Последниот состанок на Високиот совет за соработка меѓу двете земји се одржа во декември 2023 година во Атина кога беше потпишана и Атинската декларација, како и низа договори за подобрување на довербата и соработката.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“ во понеделникот посочи дека по потпишувањето на Атинската декларација постојат „значајни придобивки кои не треба да ги занемаруваме“, а како пример ги спомена „значителното намалување на тензиите и нарушувања на грчкиот воздушен простор“, соработката со Турција во миграцијата, воведувањето брза виза за турски туристи на островите во источниот дел на Егејското море, но и отворените канали за комуникација за решавање на каква било тензија.
Од друга страна, рече дека главното прашање и „суштинската разлика со Турција, е една и единствена: разграничувањето на морските зони, ексклузивната економска зона и континенталниот гребен, во Егејското море и Источниот Медитеран“.
-Во секој случај, фактот што можам директно да разговарам со претседателот Ердоган, верувам дека е само позитивен, бидејќи очигледно не разговараме само за грчко-турските односи. Грција би сакала да развие и повеќе иницијативи во поширокиот регион. Би можеле да го разгледаме и прашањето за една поширока регионална конференција во која би била вклучена и Турција. Ние сме соседи, „осудени“ од географијата да коегзистираме и треба стабилно да постојат отворени канали за комуникација, нагласи Мицотакис.
Додаде дека Турција треба да сфати дека решавањето на разликата со Грција би имало и други паралелни придобивки за неа, особено во однос на можноста дополнително да се приближи до Европската Унија и учество во некои идни програми што би ја финансирале нејзината одбранбена индустрија со европски средства.
-Но, бевме апсолутно јасни: додека постои „casus belli“ (закана за војна), Турција не може да користи европско финансирање. И покрај тоа што некои оспоруваа дека оваа наша позиција има суштинска вредност, од самиот исход се покажа дека успеавме да ја постигнеме таа цел. Сепак, нашата цел не е трајно да ја исклучуваме Турција од посилна соработка со Европа. Нашата цел е да ја искористиме оваа преговарачка карта за да ја убедиме Турција дека овие барања се целосно неосновани и непотребни, објасни грчкиот премиер.
На прашањето дали го загрижуваат дискусиите дека со фактот што американскиот и турскиот претседател одржуваат тесни врски и чести телефонски разговори, а евентуална посета на Трамп во Грција или на Мицотакис во САД дека тоа би можело да значи американското посредништво, грчкиот премиер одговори негативно и категорично ја отфрли можноста за медијаторство во односите со Турција.