Иранската новинска агенција Тасним објави дека министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи ќе се сретне со американскиот специјален претставник, Стив Виткоф.
Но, агенцијата не наведе повеќе детали, кога и каде ќе се оствари средбата.
Засега САД не ја потврдија веста. Тасним е агенција блиска до Иранската револуционерна гарда.
Според западните медиуми, средбата Виткоф – Арагчи би требало да се одржи во Турција.
Веста за состанокот доаѓа во време на неколкунеделни тензии помеѓу САД и Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе употреби воена сила како одговор на бруталното задушување на демонстрациите и ако Техеран не се врати на преговарачката маса за иранската нуклеарна програма.
Изминатите дена распоредени се дополнителни американски сили на Блиски Исток зголемувајќи ги стравувањата од можен напад врз Иран.
Но, Трамп пред два дена наведе дека „Иран сериозно разговара со САД“.
Арагчи вчера посочи дека е „уверен дека може да се постигне договор“ со САД за иранската нуклеарна програма. Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека се „надева оти нема да мора да го нападне Иран.
Шефот на иранската дипломатија минатата недела во Анкара имаше средба со турскиот колега Хакан Фидан. Арагчи наведе дека Иран е подготвен да ги обнови разговорите со САД ако преговорите бидат фер и непристрасни и не ги вклучуваат одбранбените капацитети на Иран.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, во телефонскиот разговор со иранскиот колега Масут Пезешкијан на 20 јануари, истакна дека Анкара е подготвена да посредува помеѓу Иран и САД.