Промена на членовите од Уставот што се однесуваат на приватните универзитети, на мандатот на претседателот на државата, на кривичната одговорност на министрите, на одредбата со која државните службеници се вработени на неопределено време, на изборот на раководството на највисоките судови, меѓу другото предлага грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во дијалогот што го отвори за уставна ревизија, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку телевизиска порака до граѓаните, Мицотакис најави почеток на процедурите за промени на Уставот, рече дека со ова се исполнува уште едно нивно институционално ветување, а преку писмо ги информирал пратениците од Нова демократија, со цел нивните позиции да бидат вклучени во конечниот предлог во текот на март.
Објасни дека грчкиот Устав од 1975 година, веќе 50 години обезбедува политичка стабилност, „но сепак и понатаму му припаѓа на 20 век“.
– Време е да се осмелиме за големи промени кои ќе го зајакнат авторитетот на институциите и довербата на граѓаните, воведувајќи регулативи за подобро функционирање на државното уредување наспроти големите предизвици на ерата и следејќи ги новите реалности, како што се вештачката интелигенција и климатската криза. Познато е дека длабоко верувам во поодлучното учество на редовните судии во случаи на евентуална кривична одговорност на министрите додека ја вршат должноста. Измената на членот 86 ја бранам веќе 20 години. Исто толку јасна е и мојата посветеност на битката со „длабоката држава“. Бидејќи ефикасната јавна администрација треба како движечка сила веќе да ја има постојаната евалуација и смислата за вработување на неопределено време да добие сосема нова основа, рече Мицотакис.
Додаде дека го поддржува „укинувањето на монополот во високото образование преку основање на недржавни универзитети“, додека пак за претседателот на државата, кој се избира во Парламентот предлага воведување на еден единствен шестгодишен мандат, наспроти досегашниот петгодишен и можност за реизбор.
Предлага и како што рече, поголемо и посуштинско учество на самите судии во изборот на раководството на највисоките судови, „што претставува дополнителна заштита на независноста на правосудството“.
– Нашата намера е една храбра, смела уставна ревизија која ќе одговори на потребите на тековните промени. Затоа, таа ќе треба задолжително да предвиди механизми кои ќе гарантираат трајна фискална рамнотежа, доследно владино дејствување, но и издржаност на партиските ветувања, за земјата никогаш повеќе да не се лизне по опасните патеки на популизмот. Оние што ги кријат погубните последици што ги предизвикуваат. Нешто што, за жал, скапо го плативме. Ги споделувам со вас овие првични размислувања, повикувајќи ги партиите и граѓаните на конструктивно размислување, рече Мицотакис.
Посочи дека и самиот Устав налага да се бара консензус за да се постигнат промените.
За промена на Уставот, во грчкиот Парламент потребно е двотретинско мнозинство, односно да добие поддршка од 200 (од вкупно 300) пратеници, а владејачката Нова демократија има 156 пратенички места.