Поранешниот водител на Си-Ен-Ен, Дон Лемон, уапсен е синоќа во Лос Анџелес од страна на федерални агенти, потврдија неговиот адвокат Аби Лоуел и главната обвинителка на САД, Памела Бонди. Тој е приведен откако во живо на интернет пренесувал протест против Агенцијата за имиграција и царинска контрола на САД (ICE),
Апсењето на 59-годишниот новинар се случи синоќа, по неговото присуство на свеченоста „Признанија на Академијата за снимање за 2026 година“ (Recording Academy Honors). Лемон е обвинет за кршење на федералниот закон поради наводно нарушување на правото на богослужба за време на протест против американската Агенција за имиграција и царина (ICE), одржан на 18 јануари во Сент Пол, Минесота.
Лемон изјави дека на протестот присуствувал во својство на новинар и дека немал врска со организаторите Тој наведе дека бил однапред информиран за настанот, но дека не знаел оти активистите ќе ја прекинат црковната служба.
Активисти ја прекинаа неделната служба во црквата каде што како пастор служи висок функционер на ICE. Лемон, кој по заминувањето од Си-Ен-Ен во 2023 година работи како независен новинар, видеото го објави на својот Јутјуб канал.
Адвокатот Аби Лоуел во изјава за „Њујорк Тајмс“ го оцени апсењето како „напад без преседан врз Првиот амандман на американскиот Устав“.
– Дон е новинар со 30-годишно искуство и неговата уставно заштитена работа во Минесота не се разликува од неговата вообичаена професионална дејност. Првиот амандман постои за да ги заштити новинарите кои ја повикуваат власта на одговорност, истакна Лоуел.
Одбраната тврди дека апсењето е обид на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да го одвлече вниманието од јавните реакции по фаталното пукање на агенти на ICE во Минесота, при што претходно месецов беа убиени двајца граѓани – Рене Гуд и Алекс Прети. Претставници на администрацијата, пак, го осудија инцидентот во црквата, обвинувајќи ги учесниците за заплашување на верниците.
Бонди, преку објава на Икс, го потврди апсењето.
Инцидентот доби и медиумска димензија откако раперката Ники Минаж, поддржувачка на Трамп, на социјалната мрежа Икс повика на апсење на Лемон, нарекувајќи го неговиот извештај „одвратен“. Лемон подоцна ја окарактеризира нејзината објава како „хомофобична“.
Министерството за правда првично поднело барање за обвинение кое било отфрлено од судија, но понатамошната истрага довела до синоќешното приведување. Покрај Лемон, во врска со истиот инцидент веќе се уапсени уште три лица.
Лемон утре треба да се појави пред суд.