Македонија колумна на златко теодосиевски

Овие уште ли живеат во 1948?

И сите таму седат и молчат? Сите до еден!? Каква секта е тоа, по ѓаволите? Супрематистичка социјалдемократска сила, нова соцреалистичка власт…? И сите седат и аплаудираат? Па зарем немаме закони против вакви нешта? И барем еден да му залепеше соодветни мустачиња на човечено!

Овие уште ли живеат во 1948?

Кога во вакво време-невреме, како што нѐ убедува едно човече со пискав глас, слушате такви воинствено-крволочни пораки, првата мисла ви оди дека повторно ни се случува 1948 година и дека на границите ни се стационирани огромни непријателски орди кои одвај чекаат да се втурнат во земјава и да запалат сѐ живо. Се острат да ја растурат државата и нејзините институции, толку тешко создавани низ децениите токму од пријателите и сопартијците на врескавиот говорник-подбуцнувач, „сакаат да ја поделат, пљачкаат и изолираат“ земјава, да ја подјармат демократијата што тие ни ја донеле со тешки маки, па и проливана крв уште од онаа 1944 година, кога само тие и никој друг, голораки и босоноги, рекоа – „тука ќе има држава“!

Што всушност било само продолжување на нивната самопрегорна борба уште од времето на Илинден, кога претците на Венкота, Бучкота, Зорана и другите војводи го развеаа црвеното знаме на социјалдемократијата. И сето тоа го повторија и во 1945, па 1991, но и во 2017 година…, додека сите други спиеле во длабок зимски сон под „јорган планина“, стуткани и исплашени од своите сенки и бројноста на непријателот, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.

И нормално, на таков аларм ќе помислите дека повторно се вдал некој „црна Арапина“, дека мораме да го викаме и Марко Крале зашто без него отиде државата, Филипчевци не би можеле самите да ја одбранат, дури и со помош на Каранфиловци, Бучковци… и други нивни братски јунаци.

А всушност, кога подобро ќе го заслушате човечено, ви станува јасно дека тој не пелтечи за некаков надворешен непријател на границите. Напротив, тие надвор биле негови/нивни пријатели, безмалку соборци, таа некаква „кружница наречена Европа“ – веројатно онаа истата која не сака ни името на државата да им го спомне – е безгранично вљубена во нив, и тие во неа, и би жртвувале сѐ што таа ќе побара. Но главниот непријател, душманот, е овде внатре, тоа се сите оние кои не се одзиваат на гордото име социјалдемократ и нивните воинствени повици, тие се предавниците на нивната социјалдемократска кауза и црвеното знаме на слободата… Сите тие внатре – или, поточно, сите ние во земјава – сме непријателот, сите ние кои одамна не веруваме во нивните лаги и манипулации, сите ние кои се згрозувавме од нивните криминали и коруптивни „политички“ методи, стотици илјади кои беа запрепастени од нивната неспособност, глупост, ароганција и простотилак… Е па сите тие/ние сме нивните непријатели и непријатели на оваа – велат нивна! – држава.

Зашто, вреска, „лидеро“, „Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е народот“! И пред тој лозунг човек, ако е умен, мора да се замисли.

Ама тогаш, ако сте умни, ќе се сетите и ќе прашате: па ако тие се народот, што сме ние другите? Е да, ние сме предавниците, ние сме непријателите, ние сме тешката оловна завеса што се спушта над татковината и нивниот домољубив хоризонт… Да, ние сме и оние кои со Орбан и Вучиќ „застапуваат антиевропски и поддржуваат проруски ставови“, ние сме оној шљам кој „ги штити интересите на Москва, на Балканот со инвестиции што не врзуваат за авторитарните режими“ (sic!). И пак ќе прашате: ама зарем оваа држава има само стотина илјади народ кој себеси се гледа исклучиво како Социјалдемократски сојуз на Македонија и еден милион и седумстотини илјади ништожници, предавници, никаквеци, непријатели…? И ако стотина илјади сакаат да владеат над еден милион и седумстотини илјади други, како се вика тоа? Демократија, или автократија, режим, тиранија…?

А впрочем, некој повозрасен можеби ќе праша: па зарем истите овие „демократи“ и „социјалдемократи“, кога решија дека „тука ќе има држава“, не се потпираа на онаа иста Москва против којашто сега урлаат ко нездрави? Па нели и нивните благонадежни пријатели преку јужната и источната граница веќе осумдесет години дрдорат како ние сме творба на Москва а не народ? Стана ли некој да го праша тоа тутуле, колку да видиме што ќе лаже?

А тутулето ги соколи тие нивни стотина илјади кои сакаат да нѐ владеат небаре ние сме нивни робови дека пред нив „е борба, со знаење, чесност и со срце“, дека „СДСМ е силата која носи промени“ и дека немаат „време за страв, туку само за храброст“. Дури и надежта имала име „и се вика – СДСМ“. Па исто така и едно друго човече-тезгарошче ги соколеше и во 2016 година, им предлагаше борба но не со „знаење, чесност и со срце“ туку со балончиња боја што ги фрлаше врз зградите во Скопје, ветуваше нова државност и европеизација, ама спадна на простачка криминализација и провинциска партизација, се здружи и шуто и рогато од тие стотина илјади „правоверни“ и испокрадоа сѐ што можеа, упропастија сѐ што допреа, узурпираа и име и презиме и Устав и закони…

Или, ако баш сакате, колку пати од 1991 година им беше дадена таа „нивна држава“? Последен пат во 2017 година. И што направија „правоверните“ од неа? Прчија на неколку пазарџиски семјества. И сега повторно сакаат?

Поточно, ете, сакаат историјата да се повторува, сега одново да бидат некакви „директни наследници“ и државотворци низ чии вени наместо идеи и државност тече криминал и корупција коишто не можат баш така лесно да се отстранат од нивниот „имунолишки систем“. Иако тие сакаат, многу сакаат оние еден милион и седумстотини илјади ништожници, предавници, никаквеци и непријатели да им ги заборават, дури и простат гревовите, да ги гледаат како босоноги партизани во борба за вистинска а не криминално-тезгарошка држава. Затоа и човечено хистерично вреска дека тие веќе не се „пазар за пазарење функции“ туку се преоблекле во армија на арамии. Па „кој сака да се бори рамо до рамо“ со нив во дефинитивното разнебитување на државата „добредојден е вистински, искрено, братски“. Ама такви, очигледно, има сѐ помалку, не сакаат „да гинат“ за туѓи царски дворови. Одамна не се ни оние стотина илјади туку спаднаа на четириесетина разбојници!

Она што е најстрашно е фактот што човечево бара „битка за живот или смрт“. Но добро, ајде нека гинат, но за што? За демократијата, вели тој, но со „народ“! Кој црн „народ“, оние четириесетина разбојници против еден милион и седумстотини илјади! Како? Или има сили што би помогнале, како оние претходно, како оној глупак Шолц со неговите видео пораки, или фолирантон Макрон со некои нови „правила“? А можеби помошта доаѓа преку источната граница? Којзнае…

И повторно, како што и обично се случува кај нив, некој нешто ветувал, шурувал, кодошел, продавал во „црнион свет“ сѐ што може да се продаде, но особено она што не е за продавање? Отвора ли човечево само уште една нова тезга, како филијала на Дубаи? И тој, отворено и недвосмислено, бира борба, „искрена, силна и чесна!“. Која и каква искреност и чесност, по ѓаволите? Па тие не го знаат ни значењето на тие зборови! И против кого? Против сите што не мислат како него!? Тоа ли е нивниот рецепт за демократија?!

И сите таму седат и молчат? Сите до еден!? Каква секта е тоа, по ѓаволите? Супрематистичка социјалдемократска сила, нова соцреалистичка власт…? И сите седат и аплаудираат? Па зарем немаме закони против вакви нешта?

И барем еден да му залепеше соодветни мустачиња на човечено!

 

Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО

Најнови вести од Македонија

To top