Значи, не може никако поинаку да го окарактеризираме актуелното европско водство, освен, како што би рекле Американците, „траблмејкер“. Значи навистина се експерти да ги искомплицираат состојбите, дури и во оној момент кога тие, колку-толку, функционираат добро, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
И додека еден куп европски челници нè бомбардираа со изјави од типот дека за некоја година цел Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, дека само што не биднала работава, на европските бирократи им текна да воведуваат нов систем за влез и излез во Унијата за државјаните на земјите што не се дел од ЕУ. Кој апсурд. Па само што ни ги скинаа визите за да ни покажат дека се искрени во намерите за проширување, сега ни ставаат нови визи. Да не се лажеме, системот ЕТИАС е визен режим. Нема врска што сите имаме биометриски пасоши, што сè дигитално се следи, што за неполн месец ќе летне нова ракета со човечки екипаж кон Месечината, ние пак ќе живееме затворени во своите граници, од секаде опкружени со земји на ЕУ, но без слободен пристап до нив. Ќе мора сите да се кадросуваат на граничните премини, да плаќаат, да се понижуваат. Да, ова не е ништо друго, освен класично понижување. Нека ми извинат тие европски челници, ама сами си го направија проблемот со мигрантите од кои очекуваа дека ќе дојдат во нивните земји и ќе им работат за ситна пара, додека тие се прчат некаде на некои егзотични дестинации и продаваат демагогија за некакви европски принципи и демократија.
Тие ја заплеткаа работата, па сега ајде, ќе воведеме нов систем за влез и излез во ЕУ. Види колку беа експедитивни. Па поминаа 10 години, можеби и повеќе, откако донесоа одлука да го укинат летното и зимското сметање на времето, па не го укинаа. Ама границите ги затворија, за тоа не им требаше многу време.
Е сега им пукна филмот и на камионџиите, па и тие решија да ги затворат границите на седум дена, симболично, за да покажат дека тие не се туристи, туку работници што чесно си го заработуваат својот леб и на кои ЕУ треба да им обезбеди можност да работат наместо да ги тормози по притвори и да ги депортира само затоа што го надминале рокот за престој во шенген-зоната. Да, сите ќе истрпиме штета од овие блокади, ние како граѓани најмногу, но редно е ЕУ да почне на земјите од Западен Балкан да гледа како на своја територија наместо да ги третира како некаква периферија од некој друг континент.
ЕУ во минатото правела безброј преседани, па најдобро е ЕК да седне со претставници на транспортерите од земјите што блокираат и да најде некакво решение, нека биде и привремено, но да можат луѓето да работат. Велат во сите нас гледаат идни земји членки, па ако е така, тогаш еве ЕУ нека ги вклучи сите земји од Западен Балкан во шенген-зоната, однапред, уште и пред приемот во полноправно членство. Нели сме обединети во енергетиката, во инфраструктурата, во надворешната политика, во економиите, во телекомуникациите, буквално во сè, тогаш зошто уште да има бариери? Нека ги кренат граничните шенген-рампи и нека кажат „вози, Мишко!“, да забревтаат камионите, да живнат економиите, да се забрза протокот на луѓе и стока, да земат здив локалните економии и на тој начин земјите подобро да се подготват пред влезот во ЕУ.
Тешко дека ќе го направат тоа, си правам само филм, оти европските лидери се скроени да создаваат само проблеми наместо да ги решаваат. Но овој пат, ете, да веруваме дека ќе изнајдат некакво решение, исто како што има за морнарите и пилотите, за сезонските работници, како што беше за време на ковид-кризата со посебните дозволи. Не е работата да бидат флексибилни само кога тоа ним им одговара, туку да бидат флексибилни и кога едно парче од Балканот сака што поскоро да стане дел од европскиот мозаик. За да не бидат штетите големи, времето за европска акција е сега и веднаш. Не бараме да изнајдат мировно решение за Украина, туку за камионџиите. Барем еднаш нека покажат дека знаат да решат проблем наместо постојано да ги создаваат.