Во последно време политичката сцена во Македонија е полна со политички апсурди и партиски фарси. Најзаслужни за тоа се СДСМ, Векно Филипче и партиското раководството. Тие во саботата си организираа и оддржаа одржа партиски конгрес. Доколку сакаме да го објасниме најновиот феномен на СДСМ “успешен конгрес“ на кој партискиот лидер Венко Филипче констатираше дека “СДСМ се разбуди, одиме да ја разбудиме Македонија“, “СДСМ е армија од вредности“, “ние сме лекот за национализмот“, “врзивно ткиво сме за омразата“, и поради сето ова конгресот бил “собир за спас за македонското достоинство“, најпрвин мораме да дадеме еден многу конкретен увод. Така, првиот дел од анализата ќе биде само воведување во темата.
Инаку, за само 7-8 години еве трет пат пишувам за започнатиот распад на СДСМ, како политичка партија и политички фактор во Република Македонија. Првиот пат, во 2019 година, констатирав дека повеќедимензионалниот распад на СДСМ почна уште многу одамна, од времето на ТАТ, срамната приватизација и “…И свети СДСМ…“, ама наметнатата војна од 2021-та тоа некако го замаскира, ама времено. Потоа и се случи “На 15-ти септември…..и народот ќе ја земе судбината во свои раце…“, и пак ништо од тоа – ама остана лагата на Бранко Црвенковски и СДСМ. Е тогаш, некаде 2003-тата или 2004-тата реков СДСМ, преку својот “лет во место“, забрзано оди во рикверц, кон провалијата. Тогаш пророчки напишав дека полека ама сигурно СДСМ се инфицира со “синдромот бонсаи“(метафора за нешто од мало-по-мало), и само прашање на време е кога ќе биде дефакторизирана како политичка партија и маргинализирана како политички фактор на политичката сцена во Македонија.
Значи, тој период 2018/19 година, за мене веќе беше евидентен неповратниот процес на стрмоглав пад и постепен распад на СДСМ. Тоа беше перииод на погазување на народната воља изразена на референдум, по што следуваше насилното, безобразно и срамно менување на Уставот на РМ и името Република Македонија. Секако, тука не требат да се заборават(од претходно) спогодбата од Нивице со Грција, и договорот за добрососедство со Бугарија. Капак на се беше т.н. “Француски предлог“ и рамката за преговори со ЕУ, условена со протоколи, менувања на историјата и мешање однадвор на Бугарија во нашиот образовен и културен систем. Така, лидршипот на СДСМ, првин ни го продаде името Македонија, па ја погази народната воља искажана на регерендум, за да на крајот не посрамоти пред Бугарите и со Французите и мсје Макрон ни скрои рамка за преговори, контра нашите национални и државни интереси. Што е многу, многу е, и тогаш народот рече “не!“, “Доста е!“.
Ете, така почнаа погубните за СДСМ раслојувања и изместувања на партиските структури и организации. Повеќе од видни беа симптомите на организациски распад, функционална неефикасност, институциска коруптивност и морална ерозија на партијата од врвот до базата. Видни членови на партијата укажуваа на грешките и проблемите произлезени од нив, првиот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, го замрзна членството во партијата, некои беа исклучувани од партијата, голем број ги напуштија партиските редови, СДСМ ја зафати голема промаја, преку која партијата ја презедоа типови и фаци, кои немаат ништо заедничко со социјалдемократијата, или тоа што остана од неа.
Кратко и јасно кажано, за кратко време се случи целосна забеганост на политичките партиски елити на три нивоа: партиско, локално и државно. Првин нудеа “живот за сите“, а всушност безочно си ги полнеа џебовите. Потоа се обидоа да не залажат со “новата реалност“, ама таа за граѓаните беше фикција, а за функционерите нс СДСМ плашт со кој се обидуваа да ја сокријата вистинската реалност дека за само неполни две години од владеењето(ерата на Зоран Заев) создадоа аномично општество(општество на беззаконие). Тука не застанаа и со криминалната експертиза на ДУИ, го создадоа организираниот криминал, врска на политички елити, бизнис и криминално подземје. Ова веќе беше ерата на новиот лидер, Димитар Ковачевски, поточно ерата во која тој беше воден од Али Ахмети и неговата распашана партиска буламента. За ова пишував 2021/22 г. кога ги напишав колумните и есеите за македонската мафија(октопод), за Колумбијсците од Куманово, Сицилијанците од Струмица и Корзиканците од Скопје, Тетово и Струга(време на аферите Рекет 1, 2…, Боки Тредичи ТВ, пасоши на нарко дилери, СЈО незаконски бонуси, афери затворски туризам и многу други). Тоа беше и време на масовен непотизам, кронизам и партиско покровителство, на СДСМ и ДУИ, кое се што е праведно и демократско го потиснуваа и задушуваа. И за овие небулози веле дака се “само перцепција“, а не грда реалност.
За сето ова, значи за распадот на СДСМ, пишував и во периодот помеѓу парламентарните избори 2024г. и Локалните избори 2025г. Море укажував дека со политичка проституција не се гради и развива демократија( и затоа партијата треба да си ги прочисти редовите), море дека сдсмовската партиска олигархија на власт беше и сеуште е штетна за плурализмот и парламентарната демократија(еден лидер е на реалација Македонија – Грција- – Дубаи и со римоунт контрол управува со се во СДСМ, другиот скриен во парламентарните клупи го користи пратеничкиот имунитет, а третиот, сегашниот актуелен, чинам дека нема појма што прави и што да прави) ама нема кој да слушне. Сите од врвот на СДСМ беа и сеуште глуви на вакви и слични предупредувања. Тие понатаму се прикажуваат како сдсмовски демократи од 24 карати, а за воља на вистината јас одамна ги доживувам како Здружение на часни сестри во оросписки(политички) бордел. Зошто? Има, има зошто! Тројцата лидери, Зоран Заев, Димитар Ковачевски и Венко Филипче, топтан со нивните раководства, во отсуство на вистинско лидерство и поради немање на демократски капацитет, создадоа “антипартиски ефект“ и “незаинтересираност за СДСМ“. Повеќе од евидентно е дека членството е намалено до максимум, сдсмовски симпатизери веќе и нема, а граѓаните-избирачи на оваа партија не и веруваат и не и даваат доверба. Ова е еднакво на политичка смрт. Како и се случи оваа политичка смрт на СДСМ?
Како прво, СДСМ веќе не е идејно конципирана и структурно дизајнирана партија. Социјалдемократската идеологија со години и слабееше и еве сега безмалку целосно е “испарена“. Истовремено, седиментираноста на партискиот пејсаж во класно-социјалната основа на општеството е многу мала, никаква. Просто кажано, СДСМ нема свој идентитет.
Второ, СДСМ нема кредибилитет на сериозен политички субјект. Тоа значи, нема цврст политички став, неконзистентна е во политиките и однесувањето и влијанието и е сведено на минимум.
И трето, СДСМ повеќе нема народен/граѓански легитимитет. Нема подршка од избирачите – падна на 126 000 гласачи на последните локални избори(2025г.), а претходно, во 2024г., претседателските и парламентарните избори катастрофално ги изгуби. Ете, ви го изложив моето видување за рас(пад) на СДСМ – распад во фази и на рати, па во следните продолженија ќе дадам политолошко и социолошко објаснување на “синдромот бонсаи“ од кој боледува СДСМ.
(продолжува)
Сотир Костов
П.С.
Сакам едно да биде јасно: оваа анлиза не е вадење пушка/пиштол на уплашено, политички “мртво“ СДСМ, како што прават одредени аналитичари, колумнисти и новинари. Напротив, се работи за сериозна и искрена намера, преку издржана анализа да се даде правилна дијагноза за “болеста“ на СДСМ и да се понуде “лек“-от за надминување на незавидната и тешка состојба.
