Албанскиот премиер Еди Рама во рамки на неговата официјална посета на Израел се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху, со кого како одлични ги оценија билатералните односи и соработката.
По средбата Нетанјаху на заедничката прес-конференција ја пофали големата улога што ја одиграла Албанија и гостопримството за Евреите за време на Холокаустот. Тој нагласи дека светот треба да знае дека Албанија била единствената европска земја што направила такво нешто, додавајќи дека „таков дух продолжува да постои и денес во албанската земја“.
– Албанија беше единствената европска земја што за време на Холокаустот имаше еврејско население во Албанија, кое растеше, а не се намалуваше, растеше затоа што Албанците, албанските муслимани, во духот на умереноста, во духот на толеранцијата, во духот на човечкото достоинство, ги заштитија стотиците Евреи што живееја во Албанија во тоа време, а исто така им посакаа добредојде и на многу други. Ова е духот што го претставувате. Ова е духот што продолжувате да го негувате и денеска, мој добар пријателе Еди, изјавил тој.
Според Рама одличните односи меѓу Албанија и Израел, се темелат на длабоко историско пријателство меѓу албанскиот и еврејскиот народ, градено со векови, потсетувајќи дека Албанија била засолниште за Евреите кои бегале од прогон во Европа, опишувајќи ја нивната заштита за време на Холокаустот како единствено историско наследство и доказ за моралната храброст на претходните генерации.
– Иако албанското население, со муслиманско мнозинство, се здружи во солидарност низ целиот свет со страдањето на обичниот палестински народ, за време на војната во Газа, Албанците не се собраа на митинзи на омраза против Израел, ниту го проектираа својот гнев поради ужасната болка на палестинскиот народ врз зголемениот број еврејски посетители на нашата земја. Ова е во спротивност со она што за жал се случи во многу други делови од Европа, каде што антисемитизмот повторно стана длабоко вознемирувачко присуство. Нашата земја цврсто стои против антисемитизмот, исто како што стои против исламофобијата. Ние јасно одбиваме да дозволиме омразата или дискриминацијата да го водат нашето размислување, дејствување или односи со другите народи и земји, нагласи Рама.
Рама и неговата сопруга Линда, официјална посета ја започнаа вчера попладне со посета на меморијалот на жртвите „Нова Сајт“ каде им оддаде почит на жртвите од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, велејќи дека тешките загуби станале симбол на сеќавањето, смислата на животот, омразата и цената на мирот.
Попладнево ќе има историски говор во Кнесетот, што е чест резервирана за ограничен број странски лидери и претходно му е доделена на американскиот претседател Доналд Трамп. Утре ќе учествува на Меѓународната конференција против антисемитизмот.