Израелската армија ги доби посмртните останки на последниот преостанат израелски заложник што Хамас го држел во Појасот Газа, со што е исполнет клучен услов за почеток на втората фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во таа палестинска енклава.
Посмртните останки на заложникот Ран Гвили се идентификувани и вратени за погреб, соопшти израелската војска.
Израел вчера се согласи на ограничено отворање на граничниот премин Рафа кон Египет, исклучиво за премин на лица, под целосен надзор на израелските механизми за следење, при што како услов за тоа беше наведено враќањето на телото на Гвили.
Претходно, „Тајмс оф Израел“ објави дека специјалниот пратеник за Појасот Газа при Одборот за мир, Николај Младенов, на почетокот на следната недела ќе допатува во Израел за да започне разговори за спроведување на втората фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Газа.
По посетата на Израел, Младенов ќе отпатува во Египет, каде што ќе одржи дополнителни разговори со претставници на Националниот комитет за управување со Газа, кој функционира под надлежност на Одборот за мир.
Младенов претходно ги потврди плановите за повторно отворање на граничниот премин Рафа, а се очекува во Египет да се разговара и за терминот на отворање, како и за напорите за разоружување на Хамас.
Отворањето на граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет се смета за најзначаен сигнал за почеток на втората фаза од планот.