Иранското правосудство ги отфрли изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп со кои сугерираше дека Техеран го запрел погубувањето на 800 демонстранти под закана на воена сила.
Ова тврдење е „целосно лажно“, го цитираше денеска државното радио главниот обвинител Мохамад Мовахеди-Азад.
Пред една недела, Трамп изјави дека воениот напад врз иранското раководство бил откажан бидејќи властите го поништиле погубувањето на 800 луѓе.
За време на бранот протести, тој постојано ги уверуваше демонстрантите за својата поддршка и поставуваше „црвени линии“ за раководството во Техеран – досега без последици.
Протестите првично беа поттикнати од економската криза на крајот на декември. Меѓутоа, демонстрациите брзо се развија во политички бунт против авторитарниот владејачки систем на Исламската Република.
Безбедносниот апарат брутално ги задуши протестите, при што беа убиени илјадници демонстранти.
Иранското правосудство соопшти дека на особено сериозните случаи на „бунтовници“ ќе им биде даден приоритет.
Во некои случаи, обвиненијата против нив вклучуваат и обвинение за „водење војна против Бога“ – прекршок што може да биде казнет со смрт според исламскиот закон во Иран.