Свет Европска унија

Мицотакис: Тензијата во евроатлантските односи им штети и на Европа и на САД

Ќе продолжам да се обидувам да ги убедам моите американски соговорници дека секоја тензија во евроатлантските односи им штети и на Европа и на Соединетите Американски Држави, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по вонредниот Самит на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис: Тензијата во евроатлантските односи им штети и на Европа и на САД

Ќе продолжам да се обидувам да ги убедам моите американски соговорници дека секоја тензија во евроатлантските односи им штети и на Европа и на Соединетите Американски Држави, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по вонредниот Самит на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер посочи дека „не е тајна дека евроатлантските односи во изминатата година поминаа низ периоди на турбуленции“, но и дека е потребно да се одржат на функционално ниво, додавајќи дека Грција како земја-членка на ЕУ, која паралелно има стратешки односи со САД, со право настојува „сите турбуленции да бидат привремени“ и да се обидува да бара решенија што ќе бидат во интерес на сите.

– Затоа, треба да можеме да најдеме начин да соработуваме со Соединетите Американски Држави, во рамките на НАТО, со цел да се спречи евентуалното влијание на Кина или Русија во регионот како што е Гренланд, кој има стратешко значење за севкупната безбедност на НАТО, објасни Мицотакис.

Додаде дека ако прашањето е заштитата на Арктикот, тогаш САД оправдано изразуваат загриженост затоа што е „од клучно значење за глобалната безбедност“, но и посочи дека постојат начини и преку НАТО и преку постојниот билатерален договор меѓу САД и Данска да се реши прашањето „во рамките на заштитата и гарантирањето на независноста и територијалниот интегритет на Данска и на Гренланд“.

– Мислам дека црвените линии се многу јасни. Не се поставува прашање за оспорување на територијалниот интегритет и суверенитетот на Гренланд, а на крајот само Гренланд и Кралството Данска можат да одлучуваат за иднината на Гренланд. За ова категорична беше и премиерката на Данска, а мислам дека и сите членки на Европскиот совет се усогласивме со голема брзина за оваа позиција, посочи грчкиот премиер.

Во однос на Одборот за мир Грција предложи 13-те земји кои се поканети да учествуваат, заедно да го потпишат нивното приклучување, но само за прашањето што се однесува на следната фаза од мировниот процес во Газа и само онолку долго колку што е потребно за тоа.

– Мислам дека и г-ѓа Каја Калас, но и многу други земји, сметаат дека идејата е доста интересна за да истражиме, ако не директно учество, бидејќи тоа правно може да биде тешко, туку барем преземање европски иницијативи на одреден начин, со цел овој Одбор за мир да се врати кон својата првична мисија. А таа првична мисија од самиот почеток беше постигнување мир во Газа и воспоставување преодна администрација за да можеме да преминеме во фаза на обнова, но и како прв чекор кон суштинско решавање на палестинското прашање, истакна Мицотакис.

Теми на денот

To top