Комисијата за одбрана и безбедност при Собранието денеска го поддржа предлог‑законот за изменување и дополнување на Законот за полицијата, со кој се предвидува трансформација на Секторот за внатрешни работи – Скопје во Оддел за внатрешни работи – Скопје, кој ќе добие повисок организациски статус во полициската структура.
Измените, според предлагот, се насочени кон подобра ефикасност, координација и оптимално искористување на човечките и материјалните ресурси во МВР на подрачјето на главниот град.
Паралелно, Комисијата го усвои и предлог‑законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи, со кој се воведува нова раководна позиција началник на Одделот за внатрешни работи – Скопје.
Во предлог‑законот за внатрешни работи се дефинираат и постапките за избор, распоредување и унапредување на работниците во Министерството, како и роковите за примената на новите решенија. Некои од измените стапуваат во сила од 15 март 2026 година, а целосната примена почнува од 1 јули 2026 година.
Пратеникот Сали Мурати поднесе вкупно 12 амандмани по двата предлог‑закона што беа отфрлени. Во образложението Мурати побара целосно бришење на двата предлог‑закона наведувајќи дека основна проблематика е зошто законот е поднесен од пратеници, а не од МВР, и дека тоа укажува оти Министерството не ја препознава потребата од измената. Според него, нема консензус во безбедносниот сектор и недостигаат емпириски докази и постои ризик од политизација.
Пратеникот Драган Ковачки на седницата реплицира на излагањето на Мурати оценувајќи дека поднесените амандмани се без суштина и дека немаат реални аргументи за блокирање на предложените законски измени.
Ковачки посочи дека предлог‑законот легитимно е поднесен од група пратеници и дека, според него, не може да се доведува во прашање нивното право да иницираат законски измени. Тој реагира на тврдењата на Мурати дека Министерството не ја препознава потребата од измените нагласувајќи дека ваквите оценки се неосновани и дека не се поткрепени со факти или консултации со стручните служби.
Во однос на обвинувањата за ризик од политизација, Ковачки оцени дека новата организациска поставеност нема да создаде политички влијанија, туку ќе обезбеди услови за професионален и кариерен развој во полициските структури. Според него, со законските измени се овозможува јасна хиерархија и подобра ефикасност во работењето на службите.
Комисијата ги разгледа сите поднесени амандмани што беа одбиени по што двата предлог‑закона беа упатени во натамошна собраниска процедура. Според одлуката на Собранието, расправата за двата предлог-закона ќе се води по скратена постапка.