Шпанија се спротивстави на идејата за отворање кампови за барателите на азил во земји надвор од Европската Унија, сметајќи дека приоритет треба да биде намалувањето на илегалната миграција преку соработка со земјите на потекло.
Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка истакна дека надворешните центри за обработка на барањата, слично на италијанскиот модел во Албанија, не претставуваат „магично решение“. Според него, таквите центри носат значителни правни предизвици и можат да ги нарушат односите со трети земји.
За разлика од многу членки на ЕУ кои ги заоструваат политиките под притисок на десницата, шпанската левичарска влада ја третира миграцијата како економска предност и промовира легални патишта за миграција.
Податоците покажуваат дека бројот на илегални мигранти во Шпанија минатата година опаднал за 42 отсто, на околу 36.000 лица, додека во Италија таа бројка останала речиси непроменета (66.000).
Како дел од својата стратегија, Шпанија го зголеми присуството во Мавританија, Сенегал и Гамбија, каде што испрати полициски кадар и опрема за надзор. Благодарение на оваа поддршка, бројот на мигранти кои пристигнале на Канарските Острови минатата година е намален за 62 отсто во споредба со рекордните бројки од 2024 година.