Шпанскиот синдикат на машиновозачи (СЕМАФ) денеска најави генерален штрајк во железничкиот сообраќај во Шпанија по несреќите на возовите во Каталонија и Андалузија во кои загинаа најмалку 43 лица, а повеќе десетици се повредени.
– Ќе повикаме на генерален штрајк во целиот сектор за да се загарантира безбедноста и довербата во железничката мрежа, соопшти СЕМАФ без да го наведе точниот датум на штрајкот.
Во Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на североистокот на Шпанија, денеска привремено е прекинат сообраќајот на приградските железници. Компанијата за управување со железници Adif ги прегледува пругите откако вчеравечер поради дождливо невреме дојде до одрон на земја и камења на шините.
Во последната несреќа возот поминувал покрај Барселона кога се урнал заштитниот ѕид покрај пругата и паднал на шините и врз првиот вагон на возот. Загина 27-годишен машиновозач, еден од групата практиканти во возот. Лекарска помош побарале 37 патници, од кои петмина се пренесени во болници поради тешки повреди.
Речиси истовремено, друг воз во Каталонија налетал на одронета карпа, при што му пукнала оската, но никој не е повреден. Во Каталонија веќе четири дена паѓа силен дожд носен од ветер. Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте изјави за телевизијата Telecinco дека токму невремето е причина за двете последни несреќи и дека ќе разговара со синдикатот за да ги одврати од штрајк.
Каталонската регионална влада повика на минута молк во 12:30 часот за да им се оддаде почит на жртвите. Пред четири дена во јужната покраина Андалузија се судрија два брзи воза, при што загинаа најмалку 43 лица, додека триесетина патници се наоѓаат во болница.
На возот кој одел од Малага кон Мадрид му се одвоиле последните три вагони и преминале на соседниот колосек, а на нив налетал воз од спротивната насока кој доаѓал од Мадрид. Инспекторите ги испитуваат шините од местото на несреќата и долниот дел на возот на кој му излетале вагоните.