Германија стана најголем купувач на кафе од Бразил во светот за 2025 година, престигнувајќи ги САД, коишто паднаа на второто место откако Американската администрација воведе повисоки увозни царини.
Германија, имено, лани увезла 5,4 милиони вреќи од 60 килограми бразилско кафе, што претставува 13,5 отсто од вкупниот извоз на Бразил, според бразилското здружение на извозници на кафе „Секафе“. САД, доскоро традиционално најголемиот купувач на кафе во Бразил, паднаа на второто место со увоз од 5,3 милиони вреќи, што е намалување од 33 отсто во однос на претходната година. „Секафе“ смета дека падот во голема мера е предизвикан од привремените царини до 50 отсто воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА.
Раководителот на „Секафе“, Марсио Фереира изјави дека извозот во САД се намалил за 55 отсто во периодот од почетокот на август до крајот на ноември, кога беа воведени повисоки царини за сите бразилски сорти кафе.
Трамп ги воведе царините за низа бразилски прехранбени производи, како одговор на кривичната постапка против поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро – политички сојузник на американскиот претседател. Болсонаро оттогаш е осуден и отслужува затворска казна од повеќе од 27 години за обид за државен удар.
Со зголемувањето на цените на храната во САД, Трамп во голема мера ги повлече царините во ноември.
Бразил минатата година извезе вкупно 40 милиони вреќи кафе, што е намалување од околу 20 отсто во однос на претходната година. И покрај помалиот обем, приходите од извоз скокнаа за 24 отсто на рекордни 15,5 милијарди долари. Фереира рече дека намалениот извоз, исто така, ги одразува помалите залихи по рекордниот извоз една година претходно и загубите поврзани со временските услови.
Бразил е единствената земја производител што извезува кафе во повеќе од 120 земји и сочинува над една третина од светскиот пазар. По Германија и САД, главни купувачи се Италија, Јапонија и Белгија.