Регион Грција

Голем пожар во близина на резервоари за гориво во атинска населба – изгасен по над пет часа

Паралелно, во прекин беше снабдувањето со електрична енергија во голем број населби во близина на жариштето, а во прекин беше и сообраќајот во околината на резервоарите.

Голем пожар во близина на резервоари за гориво во атинска населба – изгасен по над пет часа

Над пет часа траеше гаснењето на пожарот што кусо пред полноќ избувна во близина на резервоари со течни нафтени деривати во атинското предградие Перама, а според градоначалникот постоечките 40 хектари со запалив материјал беа закана за целиот регион на Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираа 28 пожарникари со девет возила, се гаснеше со специјална противпожарна пена, додека од бројот 112 за итни случаи до жителите на Перама беше испратена порака поради чадот и од нив беше побарано да останат во внатре и да ги затворат вратите и прозорците.

Паралелно, во прекин беше снабдувањето со електрична енергија во голем број населби во близина на жариштето, а во прекин беше и сообраќајот во околината на резервоарите.

Градоначалникот на Перама Јанис Лагудакос за државната телевизија „ЕРТ“ посочи дека огнените јазици „достигнаа висина од 20 метри од двете страни на централниот и единствениот булевар во Перама“, нагласи дека постоела опасност од експлозија на резервоарите „што ќе го дигнеа во воздух целото атинско пошироко подрачје“.

Во близина на резервоарите има станбени објекти, а градоначалникот потсети на европската директива Seveso, според која постојат строги услови за безбедност, лиценцирање и отстранување на компании со запаливи материи од населени подрачја.

-Треба конечно да биде прифатено нашето барање да нема резервоари за гориво во населби со училишта и домови. Бевме на чекор од катастрофа и за среќа се извлековме. Цевководите започнуваат од Аспропиргос и стигнуваат во Перама и ако не ги затвореа, пожарот ќе стигнеше до автопатот, објасни градоначалникот.  (МИА)

To top