Свет Промена на режимот во Техеран не е дел од нејзината политика

Европа во недоумица околу реакцијата на случувањата во Иран

Кога станува збор за мотивот „страв од иранска одмазда“, тој се базира на долгата историја на „земање Европејци како заложници“ од страна на Иран.

Европа во недоумица околу реакцијата на случувањата во Иран

Информациите за жестоките репресии на властите против демонстрантите во Иран и за илјадниците жртви го зголемуваат притисокот врз ЕУ и нејзините земји членки да престанат да ги затвораат очите пред случувањата во земјата, но барем засега од Брисел нема по значајна реакција.

ЕУ останува на ставот дека ги поддржува „легитимните аспирации на народот на Иран за подобар живот, слобода и достоинство“, но дека промена на режимот во Техеран не е дел од нејзината политика.

Наспроти ова, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на седницата на Конференцијата на претседателите на Европскиот парламент во средата најави дека Европската комисија на заседанието на Советот за надворешни работи предвидено за 29 јануари ќе предложи пакет санкции кон Иран.

Според најавите, со овие мерки постоечката листа на санкционирани поради кршење на човековите права во Иран би требало да биде проширена со уште 21 лице вклучени во насилната репресија врз учесниците на антивладините протести, а дополнително санкции би биле воведени и кон 10 субјекти поврзани со развој на технологија за производство на беспилотни летала.

Според дипломатски извори, со предлогот засега не се предвидува прогласување на иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда за терористичка организација, поради резервите на неколку земји членки кон ваквата идеја, меѓу кои и Италија, Франција и Шпанија.

САД ја прогласија Иранската револуционерна гарда за „странска терористичка организација“ во 2019 година. Според западните разузнавачки служби, Гардата има клучна улога во поддршката на палестинското движење Хамас, либански Хезболах и други исламистички групи во регионот, а во последните години била вклучена и во финансирање терористички заговори ширум светот, вклучително и во Колумбија и Танзанија.

Дополнително на Гардата со нејзината воена моќ и се припишува и клучната улога во задушувањето на т.н. Зелено студентско движење во 2009 година и на бранот протести по убиството на активистката за човекови права Махса Амини во 2022 година, како и во сегашните демонстрации во земјата.

Калас на седницата на Конференцијата на претседателите на ЕП во средата информира дека некои земји членки се спротивставуваат на предлогот за вклучување на Иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации на ЕУ, без да ги именува. Ваквото противење било образложено со ставот дека тоа би можело да ги загрози дипломатските напори на ЕУ за смирување на состојбите во Иран, но и со стравување од можна одмазда од страна на Техеран со земање Европејци како заложници.

По состанокот, лидерот на најголемата партија во Европарламентот, Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, изјави дека е лудо да се тврди оти вклучувањето на Гардата на листата на терористички организации на ЕУ би можела „да ги загрози дипломатските канали со Техеран“.

– Како можеме да воспоставиме комуникациски канали со таков режим? Имаме работа со терористички режим. Корпусот на иранската револуционерна гарда е терористичка организација, рече Вебер во изјава за германска телевизија.

Претходно, портпарол на француското Министерство за надворешни работи изјави дека Париз не ја исклучува можноста да поддржи предлог за прогласување на Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, но потенцира дека оваа воена формација веќе е опфатена со неколку режими на санкции на ЕУ. Тој додаде и дека во моментот нема консензус и политичка решителност за нови санкции на ЕУ кон Иран.

Но, зад резервите или противењето на некои земји членки на Унијата на вклучувањето на Револуционерна гарда на листата на терористички организации на ЕУ се гледаат економски или други прагматични мотиви.

Имено, гардата не е само клучен центар на моќта на иранскиот режим од воен аспект, туку таа има значајни активности со кои контролира огромен дел од иранската економија. Нејзиното прогласување за терористичка организација од страна на ЕУ, би значело прекинување на секаква соработка меѓу европските компании и економски субјекти под контрола или поврзани со Гардата.

Според, дипломатски извори, резервите на Франција и Италија се поврзани со нивните интереси за обнова на своите длабоки економски врски со Иран, особено во енергетскиот сектор, додека мотивите на Мадрид сè уште побизарни – Шпанија е „против“, затоа што Израел е „за“.

Кога станува збор за мотивот „страв од иранска одмазда“, тој се базира на долгата историја на „земање Европејци како заложници“ од страна на Иран.

Најпознат таков случај во последните години беше со белгискиот хуманитарен активист Оливие Вандекастејле, кого иранските власти во 2022 година го уапсија под измислени обвиненија за шпионажа. Тој беше ослободен откако белгиската Влада се согласи да го размени за иранскиот терорист Асадолах Асади, кој отслужуваше 20-годишна казна затвор поради обид за бомбашки напад врз учесници на собир на ирански опозициски активисти во Франција.

Покрај овој случај, иранските власти во последниве години приведоа и неколку француски државјани и еден италијански новинар и бараа отстапки за нивно ослободување.

На овој начин, Европа уште еднаш му покажува на Техеран дека заплашувањето од негова страна и натаму функционира.

Се проценува дека, тромавата Европа на акција би ја поттикнал само зајакнат притисок од домашната јавност и зголемување на нејзиниот бес, како во случајот со Газа. Но, барем засега реакциите на европските улици не се дојдени до тоа ниво.  (МИА)

Најнови вести од Свет

To top