Фудбал

Клоп го кани болниот Ериксон да биде тренер на Ливерпул

Клоп го кани болниот Ериксон да биде тренер на Ливерпул

Легендарниот шведски тренер, Свен Горан Ериксон, пред неколку дена објави дека се бори со тешка форма на рак и дека му преостанува помалку од една година живот.

Оваа информација беше примена со голем шок од фудбалскиот свет, а многу поранешни играчи и соработници на Ериксон веднаш изразија огромна поддршка за славниот тренер.

Швеѓанецот во една прилика изјави дека една од неостварените желби во кариерата била да стане предводник на англискиот гигант, Ливерпул а се чини дека оваа мечта би можела многу наскоро да стане и реалност! Имено, навивачите на „црвените“ во договор со тренерот Јирген Клоп, побарале од управата да му дозволи на Ериксон да го води Ливерпул на хуманитарниот натпревар против Ајакс, и на тој начин би се исполнила неговата голема желба.

„Неодамна дознав дека Ериксон бил огромен фан на Ливерпул. Штета што судбината никогаш не го довела во овој клуб, но јас би сакал да му ја исполниме големата желба, барем на еден ден. Јас искрено не можам да влијаам на оваа одлука, но не би имал ништо против ако управата даде согласност. Свен е добредојден да ја преземе мојата работа, макар тоа било и на кратко. Се надевам дека така ќе успееме да го загрееме неговото срце и ќе му дадеме мотив повеќе за борба со тешката болест. Само нека дојде, веднаш ќе го сместам во мојата канцеларија и со задоволство ќе му го презентирам развојот на нашиот тим во последните години“, изјави Германецот.

To top