Не сака ли опозицијата безбедност во сообраќајот? Им пречи ли воведување ред на македонските улици? Дали Венко Филипче и Али Ахмети се подготвени да ги носат на душа можните жртви на сообраќајни незгоди предизвикани поради непрофункционирањето на СЕЈФ СИТИ во Скопје и Македонија? Ова е логичното прашање кое се поставува по најавата дека ДУи И СДСМ нема да дадат поддршка на Законот кој е елементарен за старт на Безбеден град од 1-ви февруари. Без нив, нема усвојување на Законот за прекршоци, кој е базичен за проектот.
Проектот „Безбеден град“ (Сејф Сити), кој треба да регистрира сообраќајни прекршоци преку камери во Македонија, е заглавен во собраниска процедура. Иако стартот беше најавен за 1 февруари, неизвесно е дали ќе профункционира поради недостиг на двотретинско и Бадентерово мнозинство.
Зошто е заглавен проектот „Сејф Сити“?
За измените на Законот за прекршоци, кои овозможуваат електронско испраќање казни, потребна е поддршка од ДУИ (Бадентер) и СДСМ. Засега владејачкото мнозинство ја нема потребната поддршка.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека без мнозинство системот нема да се воведе. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека договор меѓу партиите сè уште нема.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека проблемот не е безбедноста, туку контролата врз податоците од 65.000 камери. Според него, без законска регулатива постои ризик од злоупотреби и масовен надзор.
„Сејф Сити“ мора да биде регулиран со јасни правила за заштита на демократијата и приватноста“, порача деновиве Филипче на брифинг со новинарите.
Како ќе функционира системот „Безбеден град“?
Системот ќе регистрира прекршоци како брзо возење ,минување на црвено светло, истечена регистрација и непрописно паркирање. Казните ќе се испраќаат електронски преку СМС или е-пошта, со можност за 50% попуст ако се платат во рок од 8 дена.
Во првата фаза, „Сејф Сити“ ќе се применува во Скопје, Тетово и Куманово, а потоа низ целата земја.
Системот првично требаше да стартува на 1 јануари, но се пролонгираше поради недостиг на политички договор и потреба за надминување на детектираните слабости. Дали проектот ќе добие зелено светло зависи од обезбедување на двотретинско мнозинство и поддршка од ДУИ и СДСМ.






