Јавните комунални претпријатија во Пелагонискиот регион и во останатите региони во земјава се на терен и се справуваат со последиците од поплавите, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) и додавааат дека состојбата се стабилизира.
Како што се посочува во информацијата од ЦУК за состојбата до 17:00 часот, во Битола во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја. Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река, а во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање. Во Ресенско ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана. Во Крушево ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река. Во Демир Хисар надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост. Во Долнени градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Во Југозападниот регион, поточно во Охрид, ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми. Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Скопскиот регион во Општина Зелениково општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Во Полошкипт регион во општините Тетово и Желино СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Во Источниот регион во Кочани ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци. Во Кратово општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Во Југоисточниот регион во Струмица нема интервенции и состојбата е стабилна.
Во Североисточниот регион, поточно во Куманово и регионот ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата. Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.