Решавање на катастрофалните состојби во судството и Обвинителството преку промени е она што треба да очекуваат граѓаните и што треба да се случи во 2026 година, истакна во интервјуто за ТВ Алфа, вицепремиерот Александар Николоски.
-Конечно ќе има промена во Обвинителството, веќе има в.д. Јавен обвинител и веќе има транспарентен оглас за пријавување за нов Јавен обвинител, кој што се надевам со многу поголема енергија ќе влезе во целата работа, рече Николоски.
Како позитивна работа вицепремиерот ги потенцираше состојбите во царината, каде изминатата година државата генерирала 100 милиони евра дополнителен приход, што е доказ дека работите се променети.
-Тоа значи дека тие 100 милиони се краделе и исчезнувале, сега треба да се среди судството и Обвинителството, потенцираше потпретседателот на владата.
Во однос на правосудниот систем, Николоски спомена класични примери, како пример за работата на судовите и обвинителствата во државата.
-Пред 8 месеци завршена изградбата на браната Конско кај Гевгелија, заради една одлука која што ја чекаме од гевгелискиот суд околу прашање за експропријација, доцниме 8 месеци. Било каква да е одлуката, независно дали ќе биде во корист на странката или во корист на државата, никој не сугерира како да го решат проблемот, еве апелирам да одлучат. Во Управен суд имате предмети кои што стојат од 2022, тоа се човечки судбини. Бракоразводна парница трае од година до година и пол, катастрофа. Тоа се стресови за семејства, за деца, за роднини. Значи во една катастрофална состојба е судството, а со него и Обвинителството, заклучи Николоски.