Крадци во Германија украле имот вреден повеќе десетици милиони евра од трезорот на една банка, соопшти германската полиција.
Околу 2.700 клиенти на банката се оштетени со оваа кражба во Гелзенкирхен, соопштија полицијата и банката Шпаркасе.
Полицијата додаде дека верува оти вредноста на сè украдено е помеѓу 10 и 90 милиони евра.
Германската новинска агенција ДПА пренесе дека оваа кражба би можела да биде еден од најголемите грабежи во Германија.
Грабежот се случил вчера, а банката остана затворена и денеска, додека околу 200 луѓе се појавија пред неа барајќи да влезат внатре, пренесува ДПА.
Противпожарниот аларм ги повикал полицајците и пожарникарите во филијалата на банката малку пред 4 часот наутро во понеделникот.
Тие пронашле дупка во ѕидот и го пребарале трезорот. Полицијата верува дека била користена голема дупчалка за пробивање на ѕидот.
Сведоци им кажале на истражителите дека во текот на викендот виделе неколку мажи како носат големи торби во блиската гаража.