Во 2025 година економските односи меѓу Република Чешка и Македонија продолжија да се продлабочуваат, поддржани од стабилен раст на билатералната трговија. Според податоците на Чешкиот завод за статистика, меѓусебната трговија ја достигна својата највисока вредност во последните години: во 2024 година вкупниот обрт изнесуваше 625,9 милиони евра, при што чешкиот извоз достигна 160,8 милиони евра, а увозот 465,1 милион евра.
Еден од клучните институционални настани во годината беше 3. седница на Заедничкиот комитет за економска соработка, одржана на 11 март во Министерството за индустрија и трговија на Република Чешка. Средбата со која претседаваа заменик-министерот Јан Кавалирек и министерката за енергија Сања Божиновска, ја реафирмираше посветеноста на двете држави кон продлабочување на економските врски. Присуството на голема и висока македонска делегација — во која беа и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со министерката Божиновска — ја нагласи важноста што Македонија ја придава на соработката со Република Чешка. Пред седницата, делегацијата посети избрани чешки енергетски, технолошки и индустриски капацитети за да се запознае одблиску со чешките производствени и инженерски можности.
По институционалните активности, Амбасадата на Република Чешка во Скопје организираше низа насочени економско-дипломатски иницијативи кои дополнително ја засилија секторската соработка. Првиот поголем настан беше бизнис-мисијата на чешки рударски и енергетски компании, одржана од 22 до 24 април 2025 година. Водечки чешки фирми презентираа решенија за модернизација на јагленските површински копови, како и на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј. На семинарот во Скопје, тие остварија директни разговори со раководствата на државната енергетска компанија ЕСМ и рударските комплекси РЕК, со фокус на оптимизација на производството, подобрени еколошки перформанси, филтрациски системи, ракување со јаглен и процеси на согорување. Македонските партнери изразија силен интерес за чешкото инженерско знаење, со што Република Чешка се потврди како еден од најактивните технолошки партнери на Македонија во енергетскиот сектор.
Значаен напредок беше постигнат и во индустријата за специјализирана техничка опрема. Во мај 2025 година, Амбасадата организираше мисија на македонски компании на саемот ИДЕТ 2025 во Брно преку програмата за поддршка на економската дипломатија (ПРОПЕД). Делегацијата оствари средби со чешки институции и компании од областа на напредни производствени технологии, вклучително и компании што работат со специјализирани возила, технолошки компоненти, беспилотни системи, интелигентни индустриски решенија и услужна техничка поддршка. Со растечкиот фокус на Македонија кон модернизација на технолошката инфраструктура, се појавија нови можности за практична соработка, а чешките компании ја потврдија својата подготвеност за поддршка на индустриски развој проекти и имплементација на современи инженерски стандарди.
Последната поголема активност во 2025 година беше посветена на информатичката технологија и сајбер-системите. На 9 октомври 2025 година, Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Скопје беше домаќин на специјализиран семинар со учество на четири чешки компании — Eago Systems, TOVEK, Phonexia и Whalebone — кои претставија напредни решенија од областа на вештачката интелигенција, гласовна биометрија, анализа на големи бази податоци и заштита на дигитални мрежи. Експерти од македонските министерства и државни институции ги поздравија практичните можности за примена на овие технологии во активности како идентификациски анализи, обработка на податоци, технолошки мониторинг, откривање ризични модели и заштита на критичната ИКТ инфраструктура.
Значаен чекор за поддршка на економските врски беше и одлуката за воспоставување директна авионска линија меѓу Прага и Скопје, чиј почеток е закажан за 15 декември 2025 година, со три лета неделно во организација на Wizz Air. Проектот е резултат на повеќе од една година дипломатска координација предводена од Амбасадата на Република Чешка со македонските министерства и националните аеродроми, и се очекува да го олесни бизнис-патувањето, да го забрза комерцијалниот контакт и да го поттикне туризмот.
Во периодот пред официјалната најава на новата директна авионска линија, Амбасадата иницираше и специјализиран семинар за значењето од воспоставувањето на летот Прага–Скопје. Настанот се одржа во Прага на 10 март 2025 година во рамките на Заедничкиот комитет за економска соработка, со фокус на јакнење на туризмот и комерцијалните врски. Семианрот го отвори амбасадорот Јарослав Лудва, а учество зедоа Јиржи Пос, извршен директор на Аеродромот „Вацлав Хавел“ во Прага, Неџат Курт, генерален директор на Меѓународниот аеродром Скопје, и Владимир Граматиков, директор за маркетинг. Присутни беа и претставници на економски и туристички институции од двете држави, меѓу кои Мартин Поспишил од чешкото Министерство за индустрија и трговија, Аккан Махмут, Национален координатор за туризам на Македонија, и Онджеј Зика од Здружението на чешки тур-оператори и туристички агенции.
Севкупно гледано, активностите реализирани во 2025 година покажаа дека Република Чешка претставува доверлив, проактивен и технолошки напреден партнер за Македонија. Чешките компании понудија практични решенија усогласени со македонските економски и развојни приоритети — од енергетска модернизација и индустриски иновации, до напредни ИКТ системи и анализа на податоци. Силниот интерес на македонските институции и компании го потврдува растечкиот потенцијал за нови заеднички проекти, инвестиции и долгорочни взаемно корисни партнерства меѓу двете земји.