Резолуцијата, која е од чисто симболична природа и нема правна тежина, денеска беше одобрена со 312 гласа „за“, 131 против и 72 воздржани, откако беше направен компромис за смирување на пратениците од десниот центар.
Во Резолуцијата се повикува на „траен прекин на огнот“ во Газа, но под услов сите израелски заложници веднаш да бидат ослободени и Хамас да се разбие.
Апелот за прекин на огнот претставува значителна промена во претходната позиција на Европарламентот, договорена во октомври, која повика на хуманитарна „пауза“ за да се засили протокот на помош што стигнува до цивилите во Газа. Тоа гласање помина со 500 гласа „за“, 21 против и 24 воздржани.
Но во меѓувреме, борбите ја опустошија Газа по невидените напади на Хамас врз Израел на 7 октомври, кои резултираа со смрт на околу 1.140 луѓе, главно цивили, според официјалните израелски податоци.
Ветувајќи дека ќе го уништи Хамас, Израел спроведува немилосрдно бомбардирање и копнена офанзива во која се убиени најмалку 24.448 Палестинци, околу 70 отсто од нив жени, деца и адолесценти, според податоците на Министерството за здравство на Газа.
Милитантите од Хамас киднапираа околу 250 заложници за време на нападите на 7 октомври, од кои 132, според Израел, се уште се во Газа.
Додека левичарските и центристичките групи денеска отворено го поддржаа повикот за прекин на огнот, членовите на централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП), најголемата пратеничка група во Собранието, изразија резервираност.
Резолуцијата беше усвоена откако беше одобрен амандман со кој се прецизираше дека прекинот на огнот треба да биде условен со ослободување на сите заложници кои се држат во Газа и „разбивање“ на Хамас, кој е прогласен за терористичка организација во ЕУ.