Скопје Општина Кисела Вода

Две обуки за инклузивен и училишен спорт се одржаа денеска во Кисела Вода

Ова се инвестиции во здрави, активни и еднакви можности за секое дете- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Две обуки за инклузивен и училишен спорт се одржаа денеска во Кисела Вода

Денеска во Општина Кисела Вода се одржаа две значајни обуки насочени кон развој на инклузивниот и училишниот спорт на локално ниво.

Првата обука, во рамки на проектот „Движење за сите: Како да создадеме инклузивна настава во училиштата“, беше наменета за наставниците по физичко образование од основните училишта. Наставниците преку соработката со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје добија практични и теоретски насоки за работа со деца со попреченост и унапредување на инклузивната настава. На настанот присуствуваа проф. д-р Влатко Неделковски, декан на факултетот, заедно со проф. д-р Андријана Зафировска Мисовски, продекан, и проф. д-р Јасмина Трошанска како стручен обучувач.

Втората обука, „Обука за спортска администрација и развој на спортот на локално ниво“, се одржа во соработка со Македонскиот олимписки комитет (МОК). Настанот го отвори градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, а на обуката присуствуваа и претседателот на МОК, Даниел Димески, и д-р Сашо Поповски, раководител на Сектор за меѓународна соработка и комуникации. На дебатата се разговараше за развој на училишниот спорт, улогата на наставниците и локалната самоуправа, како и за идни проекти заедно со МОК.

-Денес, преку овие две обуки, ја потврдуваме нашата заложба за инклузивен и квалитетен спорт за сите деца. Наставниците се опремуваат со знаења и практични вештини за работа со деца со попреченост преку соработката со факултетот, а преку соработката со Македонскиот олимписки комитет го јакнеме училишниот спорт и развојот на локалниот спорт. Во април повторно ќе се одбележи Светскиот ден на олимпизмот, а сите училишта ќе добијат спортска опрема како донација. Ова се инвестиции во здрави, активни и еднакви можности за секое дете- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

To top