Пред почетокот на денешниот Самит на ЕУ во Брисел, белгискиот премиер Барт де Вевер ќе одржи средба со членовите на Комитетот за европски прашања на Федералниот парламент на Белгија, од кои ќе побара поддршка за ставот на неговата Влада за неприфаќање на предлогот за т.н. заем за репарации на Украина.
Како што наведуваат белгиските медиуми, целта на Де Вевер е да добие поддршка од сите партии во Парламентот, и од владејачките и од опозициските, и од таква позиција да настапи на Самитот на ЕУ и да се спротивстави на планот на Европската комисија за искористување на замрзнатите руски средства во блокот за исплата на 210 милијарди евра на Украина во форма на „заем за репарации“ за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година.
Белгија, каде се наоѓаат најголем дел од замрзнатите руски средства или околу 185 милијарди евра, се противи на ваквиот план, стравувајќи од поткопување на нејзиниот углед како сигурен депозитар, но и од ризиците по земјата од евентуални контрамерки од страна на Москва или доколку се дојде во ситуација на Русија да мора да ѝ се вратат искористените пари.
Белгиската Влада инсистира на гаранции за споделена одговорност од сите земји членки во соочувањето со евентуалните ризици од користењето на руските средства.
Европската комисија излезе со предлози за „отстранување на загриженоста“ на Белгија поврзана со ризиците, но белгиската Влада оцени дека тие гаранции не се доволни за да може да се согласи на планот за заемот за репарации.
Како одговор на засилениот притисок врз неа за да се согласи со планот, Белгија предложи идеја ЕУ да размисли за „активирање на членот 122“ од Договорот за функционирање на Унијата и да донесе одлука за дополнително задолжување на блокот за да се обезбедат неопходните средства за поддршка на Украина.
Во нормални услови за усвојување на ваквата одлука е потребна согласност од сите земји членки, но членот 122 предвидува можност дека во услови на „итност“ одлуки може да се носат со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.
На овој начин за поддршка на одлуката за задолжување на ЕУ би била потребна поддршка од најмалку 15 земји членки во кои живее 65 отсто од вкупното население во Унијата.
Ваквата пракса ЕУ веќе ја искористи за усвојување на одлуката за замрзнување на руските средства во блокот на неопределено време.
Инаку, истиот принцип, би можел да се искористи и за усвојување на планот за заемот за репарации, кој би било одобрен и покрај противењето на Белгија и неколку други земји членки.