Белгиската полиција по налог на Јавното обвинителство спроведе серија претреси на приватни домови во Брисел во рамки на истрагата за поседување и дистрибуција на видеа и фотографии со сексуална злоупотреба на деца преку интернет.
Јавното обвинителство на Брисел денеска соопшти дека во рамки на истрагата биле приведени повеќе осомничени лица, на кои по сослушувањето им се изречени обвиненија и се пуштени да се бранат од слобода под строги мерки на контрола.
Дополнително издадени се потерници за приведување на уште четири осомничени лица.
– Истрагата започна благодарение на меѓународна размена на информации, кои покажаа дека повеќе Ај-Пи адреси лоцирани во Брисел, биле вклучени во преземањето на овие фотографии и видеа, наведе обвинителката Лора Демије во изјава за белгиските медиуми.
Таа прецизира дека при претресите биле запленети 158 компјутери, 225 надворешни хард-дискови, 323 УСБ стикови и мемориски картички, девет сервери и 160 мобилни телефони и таблети.
– Запленети се вкупно не помалку од 600 терабајти податоци. Темелните анализи сè уште се во тек, изјави Демије.
Претресите, во кои учествувале најмалку 315 полициски истражители и ИТ експерти, биле спроведени во текот на ноември и декември.
Според Демије, заштитата на децата, каде и да се, е врвен приоритет за Јавното обвинителство.
– Секое поседување или преземање ваква фотографија или видео придонесува за сексуална експлоатација на децата. Јавното обвинителство продолжува будно да се справува со овој облик на криминал и ги користи сите расположливи ресурси за борба против него, додаде Демије.