Регион 64% од граѓаните на Западен Балкан го поддржуваат членството во ЕУ

Капетановиќ: Луѓето на Западен Балкан не бараат чуда, туку резултати и го наградуваат напредокот со доверба

Перспективите на младите покажуваат и загриженост и надеж: додека 68% од младите размислуваат за работа или живот во странство (половина привремено, а другата половина трајно), 71% веруваат дека членството во ЕУ би било добро за нивната земја – највисоко ниво на доверба кај младите во последните пет години.

Капетановиќ: Луѓето на Западен Балкан не бараат чуда, туку резултати и го наградуваат напредокот со доверба

Советот за регионална соработка (RCC) денес во Брисел го претстави Балканскиот барометар 2025, објавувајќи го најсеопфатниот регионален преглед на перцепциите на граѓаните и бизнис-заедницата на Западен Балкан. Резултатите за оваа година покажуваат значително зголемување на оптимизмот во однос на интеграцијата во ЕУ, силна поддршка за регионалната соработка и јасни очекувања за економски напредок.

„Оваа година, граѓаните на Западен Балкан испраќаат јасна порака: кога постои вистински напредок, следи и довербата. Поддршката за интеграција во ЕУ е на рекордно ниво, а довербата во регионалната соработка останува стабилно висока. Луѓето ја препознаваат вредноста на практичните резултати – од помалку бариери и пониски трошоци до подобра поврзаност и нови можности за младите и бизнисите. Нашата одговорност е да го зачуваме овој моментум и да го претвориме во конкретни реформи и опипливи придобивки за сите во регионот“, изјави Амер Капетановиќ, генерален секретар на RCC.

Според резултатите, во просек 64% од граѓаните на Западен Балкан го поддржуваат членството во ЕУ, што е највисоко ниво забележано од 2015 година и зголемување од 10% во споредба со минатата година. Растечките цени и инфлацијата остануваат најголема грижа за 66% од граѓаните; сепак, според ново прашање воведено годинава, 64% од граѓаните веруваат дека регионалната соработка може да ја подобри економската состојба. Бизнисите, исто така, пријавуваат конкретни придобивки од подлабоката регионална интеграција, вклучувајќи ги намалените оперативни трошоци како резултат на режимот без роаминг и очекуваните добивки од патување во регионот само со лична карта. Перспективите на младите покажуваат и загриженост и надеж: додека 68% од младите размислуваат за работа или живот во странство (половина привремено, а другата половина трајно), 71% веруваат дека членството во ЕУ би било добро за нивната земја – највисоко ниво на доверба кај младите во последните пет години.

„Дозволете ми да напоменам дека оваа дискусија доаѓа во најсоодветен момент. Следната недела, лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе се соберат овде во Брисел. Тајмингот не е симболичен, туку стратешки. Наодите од Балкан барометар можат да послужат како компас за тој самит. Потсетник дека граѓаните набљудуваат. Дека надежта за ЕУ повторно расте. И дека довербата, еднаш обновена, мора да се заштити. За Западен Балкан, овој самит е можност да се покаже дека европскиот пат не е теоретски или сезонски, туку кредибилен. А кредибилитетот, како што покажува Балканскиот барометар, ги менува перспективите. Кога ќе ја погледнеме целосната слика – граѓани, бизниси, институции, млади – се појавува една едноставна вистина. Луѓето на Западен Балкан не бараат чуда. Тие бараат резултати. Го наградуваат напредокот со доверба. Веруваат во Европа кога Европа верува во нив“, заклучи Капетановиќ.

Презентацијата на Балкан барометар 2025 вклучи и панел-дискусија со наслов „Докази над претпоставки: Увиди што се важни за регионалниот напредок“, на која учествуваа: Аднан Ефендиќ, професор по економија на Универзитетот во Сараево; Корина Стратулат, заменик-директорка и раководителка на програма во Европскиот центар за политики (EPC); Зоран Нечев, соработник за политики и застапување во Think Europe; и Франческа Муцо, извршна директорка на Мрежата на млади професионалци на Албанија; со Ѓераќина Тухина, дописничка од Брисел, како модератор. Панелот разгледа како податоците од Барометарот можат да го информираат креирањето политики, да ја зајакнат регионалната соработка и да го поддржат патот на Западен Балкан кон членство во ЕУ.

To top