Во пресрет на новогодишните и божикните празници, Град Скопје ја организира манифестацијата „Украсуваме по скопски“ со цел да ги поттикне граѓаните да ги украсат своите домови и да придонесат кон создавање празнична атмосфера низ главниот град.
Како што информираат градските власти, сите заинтересирани граѓани кои сакаат да учествуваат и да се натпреваруваат за најкреативно и највпечатливо новогодишно украсување може да се пријават на телефонскиот број: 3297 265, секој работен ден од 9 до 16 часот, до 23 декември 2025 година.
Фотографиите од украсените домови или дворови, заедно со податоците за сопственикот, контакт-телефон и адреса, може да се испраќаат и на e-адресата: [email protected] или по пошта, на адреса: бул. „Илинден“ бр. 82, со назнака за манифестацијата „Украсуваме по скопски“.
Град Скопје и годинава ќе ги избере најдобрите во следните категории: најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа, најубаво новогодишно украсена тераса од стан и најубави раскази од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија составена од претставници на медиумите, кои ќе ги оценуваат и писмените творби на средношколците.
Град Скопје ќе обезбеди соодветни награди за најуспешните учесници во сите категории, а доделувањето на наградите ќе се одржи на крајот од декември 2025 година.
– Да го украсиме Скопје, секој дом, секоја тераса, секое срце. Да ја донесеме празничната магија во секој дом!, напиша на Фејсбук градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
🎄 ,,УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ!“
Почитувани,
🎅 Новогодишните и Божиќните празници се најубавиот дел од годината, време кога…
Posted by Орце Ѓорѓиевски – Orce Gjorgjievski on Петок, 12 декември 2025