Република Ветрен

Делчевскиот Мото клуб „Ендуро Тим“ со прва хуманитарна акција за празниците

Да покажеме дека Делчево е град на добри дела и големи срца. Да создадеме празници исполнети со топлина, човечност и надеж, порачуваат од Здружението.

Делчевскиот Мото клуб „Ендуро Тим“ со прва хуманитарна акција за празниците

Мото клубот „Ендуро Тим“ денеска ја спроведе првата од неколкуте хуманитарни акции што се планирани до средината на следниот месец, под мотото „Заедно можеме повеќе“. Акцијата беше реализирана во Црквенец кај делчевското село Ветрен во домот на шестчлено семејство, а донацијата се состоеше од облека, храна, производи за домаќинството и училишен прибор.

Претседателот на клубот Виктор Стојановски истакна дека е горд што и оваа година се реализира оваа хуманитарна активност, која, како што вели, не е само традиција, туку и обврска што ја носат од година во година.

– Целта е да покажеме дека и малите дела можат да донесат големи промени. Сè што е потребно е да бидеме присутни во домовите и кај семејствата каде што помошта навистина е потребна. Ги охрабруваме сите да ни се придружат. Оваа година почнавме порано, а во текот на следниве два месеци планираме да реализираме уште неколку хуманитарни акции, за да покажеме дека Делчево е град на хумани луѓе, рече Стојановски.

Од клубот додаваат дека силата на една заедница се мери според подготвеноста да бидеме тука едни за други. Токму затоа ги повикуваат сите сограѓани – секој кој може и сака да даде свој придонес.

– Да покажеме дека Делчево е град на добри дела и големи срца. Да создадеме празници исполнети со топлина, човечност и надеж, порачуваат од Здружението.

Активноста се реализира во соработка со невладини организации, кои им даваат насоки на делчевските моторџии околу тоа кои семејства имаат најголема потреба од донации.

To top