Македонија злоупотреба на албанското знаме

Обид за ДУИ да ги рециклира моќта и влијанието: Милитантна еуфорија завиткана во национален декор

Граѓаните во Македонија заслужуваат политика што нуди решенија, а не симболи. Политика што нуди проекти, а не митови. Политика што гледа во иднината, а не во картата на Балканот од 19 век. ДУИ денес се обидува да преживее политички преку националистички рефлекси. Но тоа не е пат напред. Тоа е признавање на сопствениот пораз: политичка импотенција замаскирана во етнички еуфорични маршеви. Македонија мора да го остави тоа во историјата. Македонија мора да ги остави зад себе партиите што живеат во минатото.

Обид за ДУИ да ги рециклира моќта и влијанието: Милитантна еуфорија завиткана во национален декор

Последниве денови, за време на подготовката и прославата на 28 Ноември, Денот на албанското знаме, пошироката македонска јавност повторно регистрира еден стар и добро научен политички трик: кога една партија ќе ја изгуби моќта, кога поддршката ќе почне да се топи, а довербата се распаѓа, тогаш демонстрацијата на сила, на национализам или, поточно, шовинизам, во пакет со изрази на сецесионизам, останува како единствената преостаната алатка за „мобилизација“ на одредената фокусна група граѓани. И којзнае по кој пат, повторно се лансира тој познат механизам: наместо реформи, се нудат знамиња; наместо идеи, се нудат етнички емоции; наместо визија, се нуди поделеност, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.
Токму тоа го видовме деновиве од политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), некогаш доминантна партија во албанскиот политички блок, а денес опозициска организација што очигледно ја изгуби способноста да понуди модерна, демократска и европска агенда. Наместо да гради доверба со конкретни политики, ДУИ се одлучи да ја рециклира најризичната политичка формула: креирање национална еуфорија преку симболи, знамиња и пораки што повикуваат на етничка дистанца од државата. Згора на сето тоа, со елементи што се косат со актуелното позитивно право во нашата држава.

Сликата што ја видовме не беше празнична, туку демонстрација на сила и вовед во политичко насилство

Нема ништо спорно во тоа да се почитува празник или да се слави етнички идентитет. Но кога во повеќе градови низ Македонија, во местата каде што живеат Албанци, се појавија масовни агресивни групи, со исклучиво албански знамиња, со величање еден етнички мегалодржавен проект, на сметка на другите граѓани во Македонија, и кога државното знаме целосно отсуствува, кога се носат карти на „голема Албанија“, кога политички активисти го водат маршот, тогаш тоа престанува да биде културна манифестација и станува политички сигнал и манифестација на (квази)политички стојалишта. Тоа е класичен сигнал дека одредена партија (конкретно ДУИ) свесно ја влече заедницата назад во времиња кога етничките симболи се користеа како оружје, а не како израз на идентитет.
Нелогично е – речиси трагикомично – партија што ја водеше државата две децении да се претставува како борец кој штотуку сфатил дека треба да се борат за „права и достоинство“. Ако нешто недостига во институциите, кој ги водеше тие институции до пред една година? Додека беа во власта, национализмот им беше непотребен. Сега, кога ја изгубија моќта, им е единствен инструмент. Тоа е признание дека немаат програма што може да го убеди електоратот на рационално ниво, па се враќаат на емоционално.

Не е проблем албанското знаме, проблем е што не се почитува владеењето на правото, што се кршат Уставот, законите и другите правни акти на државата

Ова е ситуација кога уште еднаш треба да се повтори фактот дека во Македонија никој не се противи на развивање или истакнување етничко знаме. Тоа е дел од идентитетот, од културата, од традицијата. Но, на територијата на Македонија, државното знаме не е „опција“ – тоа е обврска, знак дека ја уважуваш, почитуваш и, се разбира, ја признаваш државата (и правото и обврските) на државата во која живееш. Сосема е легитимно да се носи албанско знаме. Но противправно е кога со таквиот чин не се почитуваат актите на државата од таа област. Тоа испраќа порака дека „тој некој или тие некои“ не се чувствуваат како дел од државата. И тоа е политички, но и правен проблем, кој го создаваат токму оние што тврдат дека ќе ја водат таа држава (или ја воделе претходно оваа држава).
Што се однесува до симболите на „голема Албанија“ – тоа навистина не е шега. Тоа се симболи што не се „игра за деца и млади“, како што толкуваат некои аналитичари. Тоа се веќе перманентни тенденциозни поведенија со истакнување симболи што не се толкуваат како фолклор, туку како претензии. Факт е дека тоа е присутно. Па така, следствено на тоа, кога политичка партија (сега ДУИ) дозволува такви симболи да доминираат на настани што мобилизира граѓански маси и поттикнува и мотивира на одредени поведенија, тогаш таа презема одговорност дека ги легитимира истите тие и ги претвора во своја „алатка“. Тоа е спротивно на европската политика, спротивно на демократските стандарди и спротивно на интересите на самите Албанци во Македонија.

Македонија мора да ги остави зад себе партиите што живеат во минатото

Од сето напред елаборирано, аналогно се заклучува дека ДУИ е легално регистрирана политичка партија во Македонија, која не го почитува државното знаме, ги игнорира Уставот и законите на оваа држава и се претвора во фактор за нестабилност.
Граѓаните во Македонија заслужуваат политика што нуди решенија, а не симболи. Политика што нуди проекти, а не митови. Политика што гледа во иднината, а не во картата на Балканот од 19 век. ДУИ денес се обидува да преживее политички преку националистички рефлекси. Но тоа не е пат напред. Тоа е признавање на сопствениот пораз: политичка импотенција замаскирана во етнички еуфорични маршеви. Македонија мора да го остави тоа во историјата. Македонија мора да ги остави зад себе партиите што живеат во минатото. Р.Н.М.

НОВА МАКЕДОНИЈА

To top