На прес-конференцијата по натпреварот со Велс селекторот на нашиот национален тим Благоја Милевски им се обрати на присутните и ја презеде одговорноста за овој лош резултат.
„По ваков натпревар и ваков резултат сакам да им честитам на Велшаните.Не успеавме да му одговориме на противникот на квалитетот и мотивацијата. Одговорноста е моја. Секогаш било така и ќе биде и во иднина. Јас стојам зад тимот, но начинот на кој загубивме со 7-1 повеќе ме боли од убедливиот пораз. Дај Боже ваков пораз да доживуваме на секои две години по петнаесет позитивни резултат. Не одговоривме адекватно на тркот и на индивидуалниот квалитет на противникот и епилогот е неминовен. Кога не можеме да бидеме на тоа ниво нема за што да жалиме. Бевме далеку од нивото на претходните натпревари. Не се доведува во прашање филозофијата на играта. Таа беше иста како и на претходните четиринаесет натпревари.
Честитки и за моите фудбалери, кои се надевам дека прво ќе бидат поконкурентни во своите клубови, а потоа и во дресот со државниот грб. Овие играчи ни ги донесоа успесите и рекордите во овие две години. Изборивме плеј-оф вторпат по ред, не се проблем играчите. Ова беше само еден лош натпревар“.
Нашата делегација утре се враќа за Скопје.