Македонија анализа

Анатомија и фактографија на кривичноправниот настан “Пулс“, Кочани, од 16.03. 2025г.

Очекувам, и тоа со право, дека преку судењето во овој кривично правен предмет, ќе се разоткрие мрежата на корупција, на институционален криминал и дрога, како и дека ќе се расветлат спрегите помеѓу локалната власт, полицијата, судството и државните институции, кои на директен или индиректен начин, допринеле да дојде до овој немил настан и да загубиме 63 животи, а околу 190 лица да претрпат тешки телесни повреди

Анатомија и фактографија на кривичноправниот настан “Пулс“, Кочани, од 16.03. 2025г.

Немилиот настан, пожар во дискотека/кабаре “Пулс“ во Кочани од 16.03.2025г. однесе 63 животи. Повредени со изгореници имаше околу 190 лица. Тоа е голема, ненадоместлива загуба на човечки животи и нанесени телесни повреди на голем број оштетени. Кривичноправна одговорност мора да има. Истото важи и за правда, ама за целосна правда, а не селективна. Ајде да видеме каква е состојбата со овој кривичноправен предмет, денес, после 8 месеци.

Три обвинителства, водат три предмети за Пулс: Јавното обвинителство на Скопје,  го застапува предметот пред кривичниот суд, Скопје, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција води истрага за 27 полициски службеници, и јавното обвинителство Кочани, пред еден месец поведе предистрага за вработени во УЈП. Заклучокот сам се наметнува: за еден кривичноправен настан, три различни обвинителства водат постапка. Ова е јавнообвинителски преседан, кој треба да се анализира, што е добро, а што не е така добро, за една ваква чудна кривичноправна состојба. Ги молам правните авторитети (теоретичари, практичари, професори, адвокати, судии и обвинители), да се произнесат за оваа ситуација, од аспект можеме ли да очекуваме квалитетно судење, пресудување и правосилно завршување на предметот во разумен временски рок.

Сега за сега имаме едно обвинение, а се очекуваат уште најмалку две. Обвинети се 34 сторители(физички лица) и 3 правни лица на едно исто кривично дело, Тешки дела против општата сигурност, чл.292 од КЗ – за период од 13 години (за 11 лица е запрена постапката поради немање на докази).

Обвинението е поднесено на 13 јуни. Прво прашање за размислување: во јавноста беа презентирани докази и за сторени кривични дела, поткуп, злоупотреба на службената положба, фалсификат и слично, а обвинителите се одлучија за нив да не поднесат обвинителни акти, за тие што ги сториле. Времето ќе покаже дали ова е исправна и соодветна јавнообвинителска одлука. Обвинението ќе го застапуваат 15 обвинители. И тоа е преседан, кој за прв пат се случува во нашата судска пракса.

Се води и истрага за 27 полициски службеници (13 началници +14 службеници) , од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Овој предмет го води 1 јавен обвинител. Не е изречен ниту еден притвор. Второ прашање: Ако за 34 обвинети физички лица и 3 правни, јавното обвинителство одредиле 15 обвинители (а најавува уште), тогаш по кои резони, и според која логика и проценка за 27 полициски службеници, истрагата ја води само еден (1) јавен обвинител? Одговорот ќе мора да го бараме, а и да го добиеме во најкраток можен рок.

УЈП на 01.10.2025г. суспендира неколку свои службеници/инспектори поради вмешаност во случајот Пулс, откако после една новинарска истражувачка сторија (документарен филм) се обелоденија информации за можна вмешаност во случајот, од страна на вработени службеници и началници од УЈП. Многу важно е да се истакне дека до тој момент Јавниот обвинител на РМ, Љупчо Коцевски, беше категоричен дека докази за обвинение на луѓе од УЈП нема (изјава на прес конференција, после поставено новинарско прашање). А после тоа обелоденување на нови информации за настанот, ја дава следната изјава, која е тотално спротивна од претходната: “Со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Овие податоци изнесени од ИРЛ не се ништо ново, сите пораки беа испратени и до одбраната, до судот и до МВР. Но тоа е само мал дел од она што Обвинителството го располага во моментов. Има уште најмалку десетина инкриминирани дејствија, што значи дека постапката не е затворена, ниту во однос на УЈП, ниту во однос на други институции. Политиката е едно, но работата на обвинителството е сосема друго. Јас ќе продолжам да работам чесно и законито“. Само две изјави беа доволни да го видиме лицемерието на Коцевски, манипулирањето со доказите и обидот да ја прелаже јавноста. Јавен обвинител на РМ, во никој случај и под никакви околности не смее така да говори и да се однесува.

Направена е промена на стварната и месната надлежност за кривичноправниот настан. Така, дури на 18.07.2025г. обвинителството објавува дека предметот го превзема скопското ЈО, како стварно и месно надлежно обвинителство (врз основа на одлука на Врховен суд КП – 35/25). На врховниот суд, ваквата можност, поради објективни фактори и причини, му беше укажана уште во април месец, ама надлежните во судот реагираат после цели 3(три) месеци.

Обвинителниот акт е посебна приказна. Напишан е по стар јавнообвинителски терк, на  160 или 117 страници (значи има две верзии). Како додатоци предложени се 1400 материјални докази и 283 сведоци. За материјалните докази важи девизата, колу повеќе ги има, толку поголеми се шансите за утврдување на целосна и правилна фактичка состоја, што значи сигурна потврда на наводите во обвинителниот акт. Со сведоците, како доказно средство, состојбата е малку поинаква: толкав број на сведоци, само ќе го обременат предметот и ќе доведат до негово развлечување, во смисла на бројни одлагања, предизвикани, како од објективни, така и од субјективни причини. А тоа не е добро за крајниот исход на овој предмет. Да потсетиме дека судењето започнува на 19.11.2025г.

Оценка за обвинението дадоа судиите Илија Трпков, Софче Гаврилова и Моника Бавчовановска. Им требаа три месеци тоа да го направат. Што е многу, многу е! Ама тоа ти е нашето судство. Судечка судијка: Дијана Груевска – Илиевска (19 години судија + 17 стручен соработник). Во минатото  работеше предмети каде обвинети беа Зоран Заев и Никола Груевски, како и во предметот Организатори на 27 април, и не се прослави. Да не малерисувам, и затоа сега за сега, толку по тоа прашање.

Во оваа фаза на постапката ангажирани се 39 адвокати на обвинетите. Тие први дигнаа глас и ја разбрануваа јавноста, во врска со обвинението, ама тоа се и такви се нашите адвокати (не сите). Многу интересно е што обвинителот Коцевски им наседна на провокацијата, им напиша крајно некоректно и неумесно јавно писмо (еден вид предупредување), во кое и со кое се избрука.

Кој е и каков е профилот на засега обвинетите? Трите прво обвинети се сопствениците на фирмата, чија подружница е Пулс (Дејан Јованов – Деко, неговиот син и неговиот брат). Следуваат 3 градоначалници (1 актуелен, кога се случил настанот и 2 поранешни). Веднаш до нив се 3 градежни инспектори. Следуваат Агенција за обезбедување Рубикон секјурити, нејзиниот сопственик и 4 припадници на обезбедување, кои таа вечер биле во клубот Пулс. Понатаму, обвинети се и сопственичка на фирма од Кочани за изготвен елаборат, 2 државни службеници, 4 директори на Дирекцијата за заштита и спасување, 2 министри за економија (поранешни), 1 државен секретар од Министерство за економија, и уште неколку одговорни, за кои се верува дека во нивните сторувања или несторувања, т.е. дејствија на извршување/неизвршување, содржано е битието на кривичното дело кое им се става на товар.

За почеток мислам дека е доволно. Во деновите пред нас очекувам јавните обвинители да обвинуваат на професионален и  стручен начин, без прифаќање на било какво влијание од било која страна. Судиите да се придржуваат кон Бенгалорските принципи, што значи ќе покажат независност, непристрасност, интегритет, примереност, способност, доследност и еднаквост (еднакви шанси за сите во постапката). Од адвокатите се бара барем во овој случај да се придржуваат кон правилата, нормите и стандардите содржани во Адвокатскиот кодекс. Да не ги заборавиме и новинарите, особено оние кои избрзуваат со првичните известувања, вадат од контекст, и од поедини сведочења, изјави, или други поедини информации добиени од првично изведените докази, прават сензации, ја подгреваат состојбата и создаваат тензија. Значи, уште еднаш, не сите новинари, туку само поедини. Барем сега во овие чувствителни моменти и моменти на голема жал, тага и болка, ајде сите да се стрпеме и да покажеме почит, кон настраданите, повредените, родителите, роднините, јавноста, а во крајна линија и кон самите нас. Само со вакво посакувано однесување сите заедно ќе допринесеме за остварување на основното начело, барање и доаѓање до вистината, преку спроведување на правична постапка. Само на тој начин овозможуваме јакнење (спасување) на интегритетот и моралниот авторитет на нашето судство, кое е спаднато на ниски гранки. Го можеме ли тоа? Ајде да  видиме!

 

Сотир Костов

 

П.С.

Во деновите пред нас ќе следуваат нови продолжетоци на оваа тема, кога и подетално ќе ги анализирам и коментирам денес изнесените први забелешки, правни преседани и поставени прашања во врска со нив, прашања на кои мораме да дадеме соодветни и навремени одговори.

 

 

To top