Кипар денес беше погоден од земјотрес со интензитет од 5,3 степени според Рихтеровата скала, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Епицентарот на земјотресот бил 44 километри западно од Лимасол и 13 километри источно од Пафос, на длабочина од 17 километри.
Засега нема информации за повредени лица или за предизвикана материјална штета.
Како што пишува „Сајпрус Тајмс“, луѓето на островот излегоа на улиците поради земјотресот.
По првиот силен земјотрес, следеа земјотреси со магнитуда од 3,5 – 4,1 и 2,3 степени.
„Куќата ми се тресеше неколку секунди“, „кратко, но моќно, звучниците ми паднаа од масата“, „ме разбуди“, „беше страшно“, ова се само дел од коментарите што луѓето на Кипар ги оставија на веб-страницата на EMSC.