Свет Европска унија

Дводневна мини-сесија на Европскиот парламент

Резултатите од октомврискиот Самит на ЕУ, структурата и менаџирањето на следната буџетска рамка на Унијата и Стратегијата за родова еднаквост ќе бидат главни теми на овонеделното заседание на Европскиот парламент, што ќе се одржи денеска и утре во Брисел.

Дводневна мини-сесија на Европскиот парламент

Резултатите од октомврискиот Самит на ЕУ, структурата и менаџирањето на следната буџетска рамка на Унијата и Стратегијата за родова еднаквост ќе бидат главни теми на овонеделното заседание на Европскиот парламент, што ќе се одржи денеска и утре во Брисел.

Седницата почнува попладнево со комеморација по повод 10-годишнината од терористичките напади во Париз на 13 ноември 2015 година, по што ќе следи дебата по првиот годишен Извештај за азил и миграција и за воспоставувањето на годишниот фонд за солидарност.

Во продолжение европратениците и претставници на Европската комисија и на Советот на ЕУ ќе разговараат за структурата и менаџирањето со Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година. Според најавите, се очекува европратениците да го оспорат плафонот за трошење на ниво од 1,26 отсто од националните БДП на земјите членки што го предлага Еврокомисијата, со оценка дека тоа може да предизвика намалувања на средствата за програмите за поддршка.

Дополнително, веројатно во дебатата ќе стане збор и за противењето на Европарламентот за спојување на фондовите за субвенционирање на регионалниот развој и за земјоделството во единствен инструмент, за забелешките во врска со демократскиот надзор и контрола во спроведувањето на буџетот, како и за потребата од поголема инклузивност на регионалните и локалните власти.

Во продолжение на денешното заседание ќе се одржи расправа и по извештаите за Рамката за постигнување климатска неутралност, за „илегалното еднострано прогласување на сецесионистичкиот ентитет создаден од Турција на Кипар и континуираната турска воена окупација“, за морскиот биолошки диверзитет и за заштита на потрошувачите од одредени практики на платформите за е-трговија.

Европратениците во вечерните часови денеска ќе дебатираат по Стратегијата за родова еднаквост на ЕУ за периодот 2026-2030 година, при што, според најавите, европратениците ќе го реафирмираат барањето за дефинирање на полово базираното насилство како кривично дело во европското законодавство, за целосно имплементирање на регулативите за еднаквост меѓу половите, како и за надминување на родовиот јаз во вработувањето, платите и пензиите. По Стратегијата за родова еднаквост европратениците ќе гласаат утре.

За крај на денешната дебата се предвидени се куси презентации на извештаите за справување со транснационалната репресија на заштитниците на човековите права, за Европската агенција за поморска безбедност и за Рамковниот договор за оданочување на доходот.

Утре претпладне седницата ќе започне со клучната дебата на оваа пленарна сесија посветена на резултатите од октомврискиот Самит на ЕУ, во чии рамки европратениците ќе расправаат со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Главни теми на Самитот беа состојбите во Украина и на Блискиот Исток, европската безбедност и одбрана, како и прашањата поврзани со конкурентноста, домувањето и миграцијата.

По дебатата ќе следи гласање на европратениците по повеќе досиеја, меѓу кои и за извештаите за вонредните трговски мерки за земјите и териториите опфатени со Процесот на стабилизација и асоцијација, за Пакетот за поедноставување на одржливоста, за можноста за гласање на европратеничките преку полномошник во услови на отсуство поради бременост и во месеците по породувањето, за статистика за населението и домувањето, за Рамката за постигнување климатска неутралност и за неколку договори на ЕУ со трети земји, како и за избор на двајца членови на Судот на ревизори на ЕУ и за барањето за одземање на имунитетот на европратеникот Гжегож Браун.

To top