Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавите на досегашниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, оценувајќи дека наместо да покаже политичка култура и да му честита на изборниот победник, тој се обидува да го минимизира поразот и да создаде алиби преку тврдења за изборни нерегуларности.
„Јакимовски треба да се помири со фактот дека граѓаните го испратија во политичка пензија. Народот избра визија, напредок и работа“, стои во соопштението на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Јакимовски е свесен за злоупотреби и нерегуларности во своето работење и дека токму поради тоа е во паника пред најавената ревизија во општината.
„Дали Јакимовски се плаши дека ќе излезат на виделина сите криминали, тендери во четири очи и матни зделки за време на неговиот мандат?“, прашуваат од партијата, додавајќи дека тој е одговорен за „бетонизацијата на Карпош“ и за работење во интерес на урбаната мафија наместо на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до Јакимовски „да не се обидува очајнички да ги заштити структурите од урбаната мафија и да не потпишува документи во последните денови од мандатот“, бидејќи ќе следи целосна ревизија на финансиското и урбанистичкото работење во општината.
Партијата најавува дека новото раководство на Карпош, предводено од Лукровски, ќе работи „чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните“, со цел општината да стане пример за успешно и модерно локално управување.