Министерството за внатрешни работи информира дека и денеска ќе работат шалтерите за издавање на готови документи во објектите во Беко и МРТВ во Скопје.
Работното време, како што информира МВР, е од 8 до 16 часот.
Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев вчера ја коментираше сегашната ситуација со вадењето на личните документи, каде што има многу гужви и турканици за вадењето на нови документи.
Чулев вели дека целава состојба, каде што македонските граѓани во нехумани услови, на минусни температури чекаат со саати за да се сликаат за нови лични документи не е случајна. Додава дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски намерно го повторува хаосот со документи пред новата Техничка влада, како што беше тоа случај и во 2020 година кога тој беше министер за внатрешни работи во тогашната Техничка влада.
И сега како и тогаш, нема доволен број на обрасци за нови пасоши за да ги задоволат потребите на заинтересираните граѓани, постоечките се при крај, а новите обрасци се очекува да пристигнат на средината на март.
„2020 година на 3-ти јануари беше изгласана техничка влада. Прв проблем со кој се соочивме беше немањето обрасци за пасоши, и тоа беше огромен проблем кој со судни маки успеавме да го решиме, и на најитен начин беа доставени количини на пасоши. Чудна коинциденција и јас би рекол не е случајност дека после четири години речиси истиот месец, воочи на парламентарни избори и на нова Техничка влада, се случува истиот проблем. Долги редици на граѓани кои се борат во нехумани услови и минимални, ниски температури да извадат пасош, а проблемот е што немаме обрасци за пасоши. Дури на средината на март треба да стигнат нови. Друг проблем е самото подигнување на пасоши, има целосна неорганизација, има голем дел изгубени пасоши, со погрешни податоци“, рече Чулев.