Пакистан денеска повторно отвори клучен граничен премин со Авганистан за да продолжи со репатријацијата на авганистанските бегалци, со што се стави крај на затворањето на границата кое траеше неколку недели по смртоносните судири меѓу двете земји, објави ДПА.
– Граничниот премин „Торкхам“ е повторно отворен за репатријација на бегалци, но трговијата преку границата останува замрзната, изјави претставник на пакистанската Влада.
Граничниот премин во северозападната пакистанска покраина Хајбер Пахтунхва беше затворен на 11 октомври. Илјадници бегалци се заглавени во импровизирани кампови во близина на Торкхам, како и во центри за притвор во други делови од земјата.
Минатиот месец меѓу Пакистан и Авганистан избувнаа најголемите гранични судири во последниве децении поради прекуграничниот тероризам.
Исламабад го обвинува Кабул дека ги засолнува милитантите одговорни за прекугранични напади. Авганистан ги негира обвинувањата. По судирите во кои загинаа десетици луѓе од двете страни на границата, двата соседа се согласија за прекин на огнот, но не успеаја да му го продолжат рокот, кога се сретнаа во Истанбул минатата недела.
Двете земји сепак се согласија да го продолжат прекинот на огнот за уште една недела по разговорите посредувани од Турција и Катар.
Пакистанската влада не покажа никаква попустливост кон авганистанските бегалци и нареди затворање на повеќе од 50 бегалски кампови во различни делови од земјата, каде што живеат десетици илјади луѓе, објави ДПА. Луѓето кои издаваат имоти под наем на авганистански бегалци исто така беа задолжени од локалните власти да се регистрираат.
Пакистан започна масовна кампања за протерување на авганистански бегалци, повикувајќи се на зголемување на бројот на нападите, за кои се претпоставува, дека се извршени од авганистанска територија, и од 2023 година репатрира повеќе од 1,47 милиони луѓе.