Репрезентацијата на Македонија го одработе првиот тренинг во Берлин, се аклиматизира и има време да се подготви за мечот со Германија в недела. По поразот од Французите в средата, постоеја одредени дебати и дилеми за нашата игра.
Селекторот Кирил Лазаров пред тренингот, во периодот посветен на јавноста и седмата сила детално анализира сегменти од мечот со „триколорите“.
Направивме анализа, имавме доста време по првиот меч. Жалиме за дуелот со Франција поради резултатот. тоа беше нереално, имавме добри моменти, ама и такви кога грешевме премногу. Ние тогаш имавме 20 технички грешки, против Франција тоа е премногу. Мислам дека треба да се сконцентрираме, на ова ниво не смееме да бидеме опуштени и мора да сме максимално фокусирани. Мора да сме попрецизни и поконцизни во сите сегменти на ракометната игра. Протв Французите имавме квалитетно полувреме. Доаѓавме до шанси, промашувавме зицери и грешевме. На полувреме требаше да имаме поквалитетен резултат. Еден сериозен тим не смее да си дозволи да прима голови во последна секунда како што беше случај против Франција. Против ваков тим, па дури и со послаб ривал мора да имаме концентрација на повисоко ниво. 60 минути изгледа малку, ама против такви ривали е навистина многу. Натпреварот генерално беше убав за око, со страшен ритам.
Мора да го промениме нашето, македонското. Лесно е да се каже, ама тоа мора да се поправи преку тренажен процес. Се сложувам со јавноста дека мора да сме поцврсти. Добро трчавме и се враќавме, ама не успевавме да го запреме налетот на Французите. Се сложувам за одредени критики, дека мора да одиме на повеќе контакт со кои ќе изнудуваме деветерци и ќе ги водиме кон пасивна игра, започна селекторот.
Секако, Лазаров се осврна и на следниот предизвик, а тоа е мечот со Германците кои се подготвуваат Македонија да игра седум на шест во напад.
Не велам дека нема да играме седум на шест. Не ми е филозофијата нашата репрезентација да игра само таков тип на ракомет. Така ме водеше натпреварот и чувството против Франција. Сметам дека бевме немоќни кога тие одеа на контакт со ист број ракометари. Веројатно ќе го користиме тоа и со Германија, свесен сум дека ќе се подготват. Ние имаме кружни напаѓачи кои можеме да ги користиме за таков тип на игра, изјави Лазаров.
Македонија има два цели дена за подготовка за натпреварот кој в недела се игра во „Мерцедес-Бенз Арената“ во Берлин. Се очекува трибините да бидат полни со околу 15.000 навивачи, од кои мала бројка најсреќни ќе бидат и нашите најверни приврзаници.