Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов се сретна со Мисијата на Светска банка, предводена од Зоран Анушиќ.
Целта на состанокот, како што рече шефот на Мисијата Анушиќ, беше согледување на тековните активности што се однесуваат на работата на Фондот, а се дел од СИАП проектот.
Шефот на Мисијата, Анушиќ информира дека за дигитализацијата на архивата на Фондот во рамките на Проектот се предвидени околу еден милион евра и во тој процес, кој се очекува да заврши следната година, ќе бидат дигитализирани 110 илјади предмети со околу два милиони страници.
Директорот на Фондот, Мемов, нагласи дека очекува со реализиацијата на овој проект да се направи и софтвер со кој ќе се дигитализира целиот процес на движењето на документите во Фондот со што ќе се модернизира неговата работа. Истовремено, рече тој, со имплементирањето на овие активности ќе се обезбеди квалитетна база на податоци за осигурениците и ќе се придонесе во поефикасното работење на Фондот.
Мисијата на Светска банка се интересираше и за преземените активности и статусот на актуарската единица која треба да се воспостави во Фондот во наредниот период.
Директорот Мемов ги информира претставниците на Светска банка дека во систематизацијата на Фондот веќе е предвидено посебно одделение за Долгорочно планирање.
– Во најкус рок одделението ќе биде екипирано со минимум потребниот кадар и ќе може да се спроведат обуки. Овој процес е од исклучително значење за работата на Фондот, како и за проекциите и предвидувања за развојот на пензискиот систем во иднина, потенцира Мемов.
Шефот на Мисијата на Светска банка, Зоран Анушиќ рече дека веќе во ноември годинава лицата коишто ќе бидат назначени ќе можат да започнат со обуките и да ги стекнат потребните вештини со што ќе придонесат во подобрувањето на квалитетот на работата на Фондот.