Америка и Кина постигнаа конечен договор за продажба на TikTok, кој треба формално да го потврдат Доналд Трамп и Си Ѓинпинг за време на нивниот состанок на 30 октомври.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, изјави дека договорот за TikTok ќе биде финализиран во четврток, 30 октомври, за време на состанокот меѓу претседателот Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Ѓинпинг.
„Конечно постигнавме договор за TikTok во Мадрид и сите детали се договорени. Лидерите формално ќе го потврдат тоа во четврток во Кореја“, изјави Бесант за CBS News.
Самиот Доналд Трамп ги потврди овие зборови. Зборувајќи во Air Force One, на пат од Малезија до Јапонија, американскиот претседател додаде дека конечниот договор за TikTok може да биде потпишан за време на состанокот.
„Имам големо почитување кон претседателот Си и сигурен сум дека ќе постигнеме договор“, рече Трамп.
Средбата меѓу Трамп и Си ќе се одржи во рамките на самитот на АПЕК во Јужна Кореја. На крајот на септември, Трамп потпиша извршна наредба со која се дозволува продажба на американските операции на TikTok на домашни инвеститори. Според документот, новата компанија ќе биде во американска сопственост, додека уделот на кинеската група ByteDance ќе биде ограничен на 20%.
Законот што лани го потпиша претседателот Џо Бајден бараше од ByteDance да го продаде TikTok на некинески сопственик до 19 јануари 2025 година. Врховниот суд на САД го потврди тој закон, забранувајќи ја апликацијата да работи во земјата без продажба на американска компанија.
По преземањето на функцијата, Трамп постојано го продолжуваше рокот за продажба – прво до април, потоа до јуни и септември, а последен пат до 16 декември. Во меѓувреме, САД и Кина постигнаа прелиминарен договор за продажба во Мадрид.
Според информациите на Bloomberg, американската верзија на TikTok ќе ја води конзорциум составен од Oracle Corporation, Andreessen Horowitz и Silver Lake, а корисниците ќе се префрлат на новата платформа откако ќе се финализира договорот.