Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил. Ова го истакнал заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој учествува на годишната Конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference) во организација на Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.
Во рамки на конференцијата „Западен Балкан: Регионални перспективи за миграцијата и партнерствата“, заменик министерот, Димитровски, учествувал во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
-За време на разговорот, беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион кој истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе на дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори, стои во соопштението на МНРиНТ.