Македонија На 151. Собрание

Собраниска делегација на Интерпарламентарната унија во Женева

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е во 1889 година како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите.

Собраниска делегација на Интерпарламентарната унија во Женева

Делегација на Собранието на Република Македонија учествува на 151. Собрание на Интерпарламентарната унија, кое се одржува од 19 до 23 октомври во Женева, Швајцарска Конфедерација.

Делегацијата ја предводи пратеникот Бобан Карапејовски, а во нејзиниот состав се пратеничките Ели Панова и Славјанка Петровска, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, која учествува на Заседанието на Здружението на генерални секретари на парламенти.

Главна тема за дискусија на Собранието е „Почитување на хуманитарните норми и поддршка на хуманитарното дејствување во време на криза“. Пратениците ќе дискутираат и за начините на кои парламентите можат да придонесат кон одржливиот развој, родовата еднаквост, климатската акција, борбата против прекуграничниот криминал и миграциите, управувањето со вештачката интелигенција, како и парламентарниот надзор врз одбранбените трошоци. Ќе бидат разгледани и иницијативи поврзани со реформата на Обединетите нации, транспарентноста и отчетноста при изборот на Генералниот секретар на ОН и сл.

Шефот на делегацијата, Бобан Карапејовски, учествуваше на генералната дебата на 151. Собрание на Интерпарламентарната унија. Во своето обраќање тој истакна дека нашата земја, како потписник на Женевските конвенции, останува непоколебливо посветена на принципите на меѓународното хуманитарно право и како кандидат за членство во Европската Унија постојано се позиционира во заштита на жртвите на вооруженита конфликти и промоција на хуманитарни норми. Тој подвлече дека државата, во соработка со УНХЦР и невладините организации, активно ги заштитува бегалците, обезбедувајќи им вработување и образование.

„Исто така, се работи на решавање на статусот на лицата без државјанство, обезбедувајќи им пристап до основните права“, додаде Карапејовски.

„Во време на опаѓање на довербата во глобалните институции, парламентите можат да го надминат јазот меѓу нациите и да ги засилат гласовите на најранливите“, рече на крај Карапејовски.

Се очекува 151. Собрание на ИПУ да усвои финален документ во однос на темата на општата дебата.
Учеството на собраниската делегацијата на ова Собрание на Интерпарламентарната унија претставува потврда за континуираната посветеност на нашата држава на принципите на мултилатерализмот, парламентарната дипломатија и заштитата на хуманитарните вредности. Воедно, учеството на генералната секретарка, Марина Димовска, на Заседанието на Здружението на генерални секретари овозможува размена на искуства во насока на унапредување и засилување на институционалната ефикасност на парламентот.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите. Основана е во 1889 година како прва мултилатерална политичка организација во светот, со цел за поттикнување на соработката и дијалогот меѓу нациите. Во организацијата денес членуваат 182 национални парламенти и 15 меѓународни парламентарни собранија. ИПУ ги промовира мирот, демократијата и одржливит развој им помага на парламентите да станат посилни, порепрезентативни, поиновативни и родово и младиски балансирани. Собранијата на ИПУ се одржуваат двапати годишно, обезбедувајќи на тој начин парламентарна димензија на глобалното управување.

To top