Македонија ВМРО-ДПМНЕ

Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски?

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Спасовски лично ургирал кај полицијата за заштита на дискотеката „Пулс“, а обвинителството молчи за деталите на истрагата

Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски?

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска објави соопштение во кое тврди дека поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани со цел да се заштити газдата на дискотеката „Пулс“.

Во соопштението се наведува дека постојат телефонски разговори од 17 февруари 2022 година, во кои синот на сопственикот на дискотеката, Михаил Јованов, наводно тврди дека „Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас“. Според ВМРО-ДПМНЕ, во разговорот се спомнува и казна од 40.000 денари изречена од УЈП, која наводно требало да се „среди“ преку политичка интервенција.

Во објавените наводи, Михаил Јованов, како што се тврди, изјавил дека „началникот од Кочани утре треба да оди на информативен разговор кај началникот за Источна Македонија, бидејќи ќе им сржат малку“.

Од партијата велат дека станува збор за сериозни индикации за злоупотреба на службена положба, политички притисок врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси.

„Наместо полицијата да го спроведува законот, била под притисок ’да не досадува‘“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ бара одговор од Јавното обвинителство дали е покрената постапка по овие наводи, дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани.

„Коцевски и ЈО да не молчат. Ако не е постапено, тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и ги штити моќниците“, се наведува во крајот на соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека јавноста мора да добие одговор и дека ќе продолжат да инсистираат на целосно расчистување на случајот.

To top