Денес свесно и намерно ќе излезам од рамките на Локалните избори 2025 со цел да се обидам да ви ги претставам движењата на Единствениот избирачки спосок(во бројки, по години и за локални, претседателски и парламентарни избори) и излезноста на сите избори од 1990 година до последните во 2024г.. Компаративните показатели се интересни, напати чудни, а за одредени години и периоди богами и апсурдни. Тие ни помагаат да ги сватиме резултатите од изборите и повремените изненадувања и неочекувани појави. Да одиме со ред.
Движењето на излезноста на гласачкото тело на парламентарните избори започнува со многу високи 84,8% во 1990г. И завршува 52% во 2020г., и 53,42% во 2024г. За 30/34 години тоа е надолно движење(пад) на процентуалната излезност во износ од 32,8% за 2020г и 31,395 за 2024г(види табела бр.1).
Колку за споредба излезноста на гласачкото тело на трите референдума во Република Македонија изнесува: 1991г – 75,72% излезност на гласачко тело од 1 132 595 избирачи(успешен референдум); 2004г. – 26.58% излезност на гласачко тело од 1 709 536 избирачи(неуспешен референдум); 2018г. – 36, 91% излезност на гласачко тело од 1 806 336 избирачи(неуспешен референдум). Движењето на излезноста на гласачкото тело на спроведените референдуми во Македонија е високи 75,72% од 1991г. Преку најниски 26,58% во 2004г. До ниски и недоволни 36,91% во 2018г.. Тоа е исто така надолно движење(пад) на процентуалната излезност за 38,81%, за период од 1990г. до 2018г(види табела бр.2).
Од напред изнесените податоци, се забележува дека од 1990 година па се до 2002 година имаме релативно високо учество на граѓаните во изборните процеси. Тоа се движи од 84,8 % (1990 година) до 73,4 % (2002 година). Потоа следува период на смалување на тоа учество на граѓаните во гласањето, кое во 2006та година 55,98 % излезност, а во 2008 година е 57,99 % излезност. Во овој период се забележува и првиот видлив тренд на пасивизација или помало учество на граѓаните во изборните процеси – намалено за околу 17 %.
Следува период кога излезноста на граѓаните се зголемува од 55,8 % во 2006 та година, на 66, 79 % излезносно во 2016 та година. За десет години зголемувањето е нешто повеќе од 10 %. Веќе во 2020 година имаме огромен пад на заинтересираноста и излезноста на граѓаните за гласањето кое изнесува нешто помалку од 52 %, а во 2024 година излезноста изнесува 53,41%(мало зголемување).

Нормално е сега да го разгледаме движењето на бројот на избирачи според Единствениот избирачки спосок, по години и вид на избори.

Следуваат констатациите. Во период од 30 години бројот на гласачи во Избирачкиот список(од 2000г. Единствениот избирачки список), се движел од 1 452 072 избирачи( 1339 021 во избирачки список и 113 051 дополнително запишани), во 1990г., до 1 814 263 избирачи во 2020г., што е зголемување за 362 199 избирачи. Тоа значи дека годишно во просек избирачкиот список се зголемувал за 12 072 избирачи. Во 2021г. имаме зголемување за десетина илјади(1 824 864 избирачи), а во 2024г. пак намалување за исто толку(1 815 350 избирачи.
Карактеристично е што за 10 години, од 1990г. до 2000г. зголемувањето на избирачите е за 191 787 избирачи(1 452 072 – 1 643 859). Во оваа декада годишниот просек на зголемувањето на бројот на избирачите е 19 178.
Од 2000г. до 2009г. зголемувањето е за 148 223 избирачи(1 643 859 – 1 792 082). Во овие девет години пак годишно бројот на избирачите зголемувал за 16 469.
Од 2009г. пак до 2020г. зголемувањето е 22 181 избирачи(1 792 082 – 1 814 263). За тој период од 11 години имаме секоја година по 2016 ново запишани во избирачкиот список.
Еве и една друга компарација: Од 2006г. кога бројот на избирачи е 1 741 449, до 2014г. кога тој изнесува 1 780 128 избирачи, зголемувањето изнесува 38 679 избирачи. И уште една компарација. Од 2016г. кога бројот на избирачи е 1 770 736 до 2020г. кога тој изнесува 1 814 263, зголемувањето е 43 527 избирачи.
И сега внимавајте: Од 1990г до 2008г(за 18 години). избирачкиот список се зголемил за 327 044 избирачи. Додека пак од 2008г. до 2024г., значи за 16 години зголемувањето на избирачкиот список изнесува 36 234 избирачи. Тоа се драстични разлики: девет пати помало зголемување во вториот период(2008г. – 2024г.), отколку во првиот(1990г. – 2008г.). Многу чудно, дури на граница на апсурдно.
Заклучок: Од 1994г. до 1998г. бројот на избирачи се зголемил за 212 217 што споредено со било кој друг период од едни до други избори, е апсолутно најголемо зголемување. Таа бројка(како и контекстот и севкупната состојба во државата во моментот кога се одржуваат изборите) продуцира намалена излезност. Ова веќе е изборен парадокс и бара стручна, детална, длабока и сеопфатна анализа, со неколкукратни вкрстени проверки. Можеби, некој, некогаш и тоа ќе го направи. Во периодот 2013г – 2016г. се правеа такви обиди, кои не доведоа до посакувани резултати.
(продолжува)
Сотир Костов