Во саботата, во Москва, се одржа музички фестивал наречен Интервизија. И, фестивал како фестивал, ќе речеме. Но, ова, колку за кусо запознавање, е фестивал на кој не се веат знамиња во боите на виножитото, бои злоупотребени од лгбт+ заедницата, а се промовираат традиционални вредности – се слави машкото и женско дете, се слави нормалното семејство меѓу еден маж и една жена, се слави верата, со еден збор, се слават милениумските традиционални вредности. На фестивалот, меѓу другите, учествуваа и исполнители од Кина, Индија, Бразил, Саудиска Арабија, Јужна Африка…а победникот пристигна од Виетнам.
Пред неколку години напишав текст со наслов “Судир на цивилизации“, во кој зборував за постоечките цивилизации кои се потпираат на старите древни цивилизациски вредности во светот. Сите тие, како претставници на своите современи држави, токму на овој фестивал, ги претставија традициите на своите древни цивилизации – древната Кинеска, Индијска, Африканска, Арапска, Јужноамериканска, Источнохристијанска.
На другата страна останаа само претставниците на древната Еврејска, старата западнохристијанска цивилизација и новата Северноамериканска цивилизација создадена врз урнатините на древната цивилизација на домородниот народ. Тие, пак, го имаат својот фестивал, ја имаат Евровизија – фестивал на кој се слават неморалот, омразата кон се’ што е традиционално, се слават суштества кои не знаат дали се маж или жена, се слави се’ она од што огромниот дел од нормалното човештво се згрозува. Се слават вредностите на радикалната левица, која уништувајќи се што има вистинска вредност, се стреми да завладее со светот од еден центар.
И, нормално, нивните левичарски медиуми ќе напишат “Русија ја оживува советската Евровизија“ како носталгија за студената војна. Нивните мали мозочиња, скапо платени да дезинформираат, не можат да се одлепат од зборот војна, не можат да се одлепат од лагите и невистините. А, нивните пријателчиња кои “проверуваат факти“, односно, современите ждановисти, кои по десетпати го проверуваат секој мој збор и го забрануваат на социјалните мрежи, не се обидоа ниту да ја проверат вистинитоста на тезата дека “фестивалот е носталгија за студената војна.
Радикалната левица и во Македонија
Бидејќи се ближат локалните избори, кога граѓаните во Македонија ќе треба да направат избор, да се определат за овој или оној, не е лошо да се напише некој збор на оваа тема. Имено, радикалната левица зема замав и во Македонија. Онаа левица која во светски рамки, па нормално е да претпоставиме дека тоа е случај и кај нас, се бори против децата како машко и женско, против семејството како заедница на еден маж и една жена, против верата како единствен смирен и трпелив одговор на агресивните напади, против нацијата како идентитетска заедница, со еден збор против сите милениумски традиционални вредности.
Истовремено, таа и таква радикална левица, според еден стандардизиран образец во целиот свет, цртајќи ја крвавата рака, внесува немир и неспокој во свеста на граѓаните, постојано повикува на протести по вистинити и невистинити поводи и, секогаш јава на бранот на нечие незадоволство. Таа и таква радикална левица никогаш не нуди решенија туку само сее омраза кон сите што мислат поинаку. Како резултат на таквата политика се случи неуспешниот атентат на словачкиот премиер Роберт Фицо, двата неуспашни атентати на тогаш кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп и, за жал, убиството на младиот, 31-годишен Чарли Кирк. Беше убиен само затоа што размислуваше и зборуваше поинаку од нив, затоа што ја ширеше вистината, добрината и љубовта, наспроти омразата.
И треба да се знае, таа и таква радикална левица, свесно или не, глумејќи дека се залага за социјална правда и за заштита на економски загрозените, всушност, работи за тој еден промил најбогати луѓе на планетава. Тие, сопствениците на најкрупниот капитал, сопствениците на банките, на инвестициските фондови, на фармацевтските и военоиндустриски комплекси, го претставуваат центарот на моќ кој, користејќи ги заведените левичари, уништувајќи се’ што е традиционално, се обидуваат да завладеат со светот.
Токму тоа е левичарската промоција на орвеловската “1984“, кога лагата станува вистина, кога војната станува мир, кога незнаењето претставува моќ…
Затоа, ќе завршам со зборовите на германскиот филозоф Имануел Кант, кој вели SAPERE AUDE, или, ОСМЕЛИ СЕ ДА ЗНАЕШ!!!
Или, не верувајте им на оние кои на лицето навлекле маска со која треба токму вам да ви се допаднат – проверете ги и нив и нивните зборови!!!
А за нив, за оние од радикалната левица, за оние кои во САД, убивајќи го Чарли Кирк, пукаа во зборот, пукаа во љубовта, пукаа во вистината, ќе завршам токму со зборовите на Кирк, со неговото мото со кое живееше и работеше – УБЕДИ МЕ ДЕКА ГРЕШАМ!!!
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК