Се реализираше целосна санација и асфалтирање на улицата „400“ во населеното место Марино, општина Илинден, во должина од околу 300 метри, вклучувајќи и изведба на систем за одведување на атмосферски води. Овој проект е дел од пошироката програма за реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта, со која Општина Илинден активно работи на подобрување на патната инфраструктура.
Увид денеска изврши градоначалникот Александар Георгиевски и изјави дека асфалтирањето на оваа улица претставува исполнување на едно од приоритетните барања на жителите од Марино. Тој најави дека ќе продолжат и другите активности за санација и реконструкција на улици низ целата општина, во согласност со потребите и барањата на граѓаните, со цел подобрување на секојдневието и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Средствата за овој инфраструктурен зафат се обезбедени целосно од општинскиот буџет, а со успешната реализација значително ќе се унапреди локалната патна мрежа.